Фото: Игор Бансколиев

Клучот за одржливо зголемување на минималната плата е во порастот на продуктивноста, односно способноста работникот и фирмата да произведат повеќе додадена вредност по единица час. Тоа може да се постигне ако се инвестира во капитал и технологија, за да се подигне продуктивното ниво на фирмата, како и во човечки капитал, што би значело инвестиции во образованието и вештините на работниците

Системски сеопфатен приод, анализа и потоа решение за минималната плата

Барањата за ново зголемување на минималната плата со денови ја брануваат јавноста, а синдикатите и работодавците се со спротивставени ставови за потребата и можностите за зголемување на минималецот. Сите се согласни дека (минималната) плата го зголемува стандардот, но дека се потребни подлабоки структурни промени и дека таа треба да е тесно поврзана и да расте со зголемувањето на продуктивноста. Рака на срце, важен елемент е што за минималната плата треба да се одлучува во рамките на социјалниот дијалог, во кој ќе разговараат и ќе се договорат клучните чинители, синдикатите и организациите на работодавците, заедно со Владата, за сите аргументи од засегнатите страни да се проанализираат и во рамките на реални и објективни оцени и услови, да се синтетизира решение. Сѐ што е надвор од тој формат, особено лицитирање со износи, е само одраз на нереални желби. Но затоа во таквиот контекст се потребни здрави системски промени: почнувајќи од образованието, стекнувањето знаења и вештини, нивната практична употреба во процесите во стопанството и реалната економија, обуката на човечките ресурси на повеќе нивоа, но и во организацијата на работата и во менаџментот. Затоа што едноставно не е дозволиво истиот поединец во домашниот систем да биде многу помалку продуктивен во своето работење отколку кога ќе биде ставен во друго опкружување, во западноевропските земји. Низа фактори треба да се претресат и анализираат за да се дојде до заклучокот што ќе даде одговор на прашањето за дефинирање на минималната плата, односно што би довело и до поголеми плати.
Од здружението за истражување и анализи ЗМАИ посочуваат дека платите растат како последица на растечки стопански трендови, односно раст и развој на економијата и БДП.

– Минималната плата треба да расте, но тој раст треба да ги следи економските и социјалните трендови. Континуираното зголемување на минималната плата без соодветно зголемување на продуктивноста на трудот, а со тоа и зголемен технолошки напредок, може да доведе до нереално покачување на основата за пресметка на сите други плати во економијата. Истовремено, зголемувањето на минималната плата може да доведе и до зголемени трошоци на производство кај трудоинтензивните индустрии, кои најчесто работат за странски пазари каде што основната конкурентска предност на македонските производи е пониската цена. Така што, можностите за зголемување на цената на производите се ограничени или, во многу случаи, невозможни – објаснува Виктор Митевски, претседател на ЗМАИ.
Според него, Владата треба да направи сериозна анализа на распределбата на доходот во економијата и да ги види капацитетите на индустријата и реалниот сектор за да најде соодветен механизам за системско покачување на минималната плата, во систем на зголемување на продуктивноста на трудот и паралелно со зголемен технолошки напредок, а не покачување што ќе биде водено само од ад хок решенија.
Благица Петрески, директорка на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“, истакна дека суштинскиот елемент за зголемување на минималната плата е доаѓање до решението за зголемување на способноста работникот и фирмата да произведат повеќе додадена вредност по единица час. Според неа, тоа може да се постигне ако се инвестира во капитал и технологија, за да се издигне продуктивното ниво на фирмата, како и во човечки капитал, што би значело инвестиции во образованието и вештините на работниците. Директорка на институтот за економски политики и истражувања „Фајненс тинк“ вели дека наша средна до долгорочна цел треба да биде да го намалиме бројот на лица што примаат минимална плата и да овозможиме одржливо зголемување на минималната плата.
– Сега зголемувањата се неодржливи. Клучот за одржливо зголемување на минималната плата е во пораст на продуктивноста, односно способноста работникот и фирмата да произведат повеќе додадена вредност по единица час. Тоа може да се постигне ако се инвестира во капитал и технологија, со цел да се издигне продуктивното ниво на фирмата, како и во човечки капитал, што би значело инвестиции во образованието и вештините на работниците. Оттука, евентуалното субвенционирање (за платите) треба да се пренасочи кон поддршка на инвестиции во машини, опрема и технологија, особено во дејностите што се значајно засегнати со минималната плата, а тоа се трудоинтензивните дејности, кои се заглавени во стапицата ниска продуктивност – ниски плати – смета Петрески.
Потоа, како што додава таа, поддршката би требало да се однесува за доквалификација на работниците, со која тие би стекнале дополнителни вештини, како и интервенции од типот на дуалното образование, во кое фирмата се спарува со средно стручно училиште, за да може да има удел во дизајнот и имплементацијата на образовните програми.

– За да се постигне согласност за висината на минималната плата, особено кога постојат притисоци да се напушти механизмот за нејзино автоматско усогласување, единствен форум на кој треба да се дискутира е социјалниот дијалог. Социјалниот дијалог не е конзистентен со еднострано наметнување на висината на минималната плата од која било засегната страна, вклучувајќи ја и Владата – истакнува Петрески.
За тоа како да се зголеми продуктивноста, а со тоа и да се добиваат повисоки плати, бизнисменот Мендерес Кучи вели дека треба да се вложува во образовниот процес на идните работници и во технологијата за работа.
– За образованието, ние како бизнис-заедница долго зборуваме, односно дека освен теоретски дел, треба да се воведе и практичен. Да се смени во корен системот, зашто е беспотребен за ова општество и го кочи системот, а тоа потоа се рефлектира и со незадоволство кај вработените, зошто не се ефективни, и тоа не само во приватниот сектор туку и во државниот. И, од друга страна, услугите и производството не се на нивото што го очекува работодавецот – вели Кучи.
Претседателот на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков, споменува дека повисоката плата поточно влијае на подобар животен стандард и подобри работни и животни услови, додека минималната плата ја гарантира заработувачката што мора да биде исплатена за одредена извршена работа.
– Продуктивноста зависи од организациската поставеност во претпријатијата, знаењето за управување со процесите во фирмите и управувањето со технолошките процеси, дополнително знаењето и процената за управување и одржување на бизнисот се клучен фактор за оптимална продуктивност и логично продуктивно „задоволство“ и ефект кај вработените – укажува Бошков.
Тој посочува на пример дека во Германија долги години се работи во слободна пазарна економија, базирана на производ, услуга, понуда и потрошувачка, и тоа во сите сегменти на економијата и политичкиот систем.
– Ние низ образованието треба да ги градиме свеста, вештините, одговорноста, економските фактори, даночната култура и културата на политичко управување. Само на тој начин, низ системски пристап и поимање на македонската економија, можеме да ги зајакнеме економската динамика и раст, мораме поодговорно да управуваме и работиме сите – појаснува Бошков.
Како што вели тој, решението за минимална плата треба да биде на повеќе нивоа, синдикат, работодавци, работници и Влада.

– Дефинитивно, решението се наоѓа на повеќе нивоа, односно на ниво на компании, сектори и дејности, концептот на „општо“ (законски одредена) минимална плата мора да се напушта и да се пристапува кон дијалог и договарање на сите нивоа поединечно. Наедно, многу е важно и неопходно помош за подобрување на технологиите и подобрување на работните процеси во економијата. Исто така, важни се и вложувањата во вештини и образование, и тоа и кај управителите и кај работниците – заклучува Бошков.
Од Владата уверуваат дека се залагаат за зголемување на минималната плата, но дека тоа не може да биде еднострана одлука. Премиерот Димитар Ковачевски неодамна истакна дека на таквата одлука треба да ѝ претходи економско-социјален дијалог.
– Минималната плата треба да се зголеми низ економско-социјален дијалог. Зошто? Тоа не може да биде еднострана административна одлука, бидејќи се засегнати и компаниите. Растот на минималната плата треба да биде проследен со раст на продуктивноста. Ако не се зголеми продуктивноста, а минималната плата почне да се зголемува, тогаш конкурентноста на компаниите опаѓа – образложи Ковачевски.