Мали нуклеарни електроцентрали: Ќе се градат ли во Македонија?

Веќе извесно време се залагам за инвестирање во нуклеарни електроцентрали базирани на мали нуклеарни реактори (Small Nuclear Reactors – SMR). Минатата недела ЕСМ најави можно вложување во овој вид електроцентрали. Идејата е одлична и заслужува поддршка, но треба да бидеме максимално внимателни поради можноста повторно да ни се подметне некаква штетна зделка, по примерот на „Чебрен“ и „Митилинеос“. За да го избегнеме ова, но и за да ги препознаеме предностите на овој вид енергија, потребно е да се едуцираме нешто повеќе за малите нуклеарни реактори. Па да започнеме…
Минатата недела ЕСМ најави можно вложување во нуклеарни електроцентрали базирани на мали нуклеарни реактори (Small Nuclear Reactors – SMR), за што се залагам веќе извесно време. Предложената цена за изградба по системот „клуч на рака“ на нуклеарна електроцентрала базирана на мал нуклеарен реактор, во рамките на повеќето понудувачи изнесува околу 4,2 милиони евра/MW иако, доколку почекаме една или две години, нови компании – стартапи најавуваат двojно пониска цена.
На пример, компанијата „Опен-100.ком“ дури нуди бесплатни планови за самите да изградиме своја мала нуклеарна централа за само 2,4 милиони евра/MW, практично колку за „Чебрен“. Во државата би можел секој град со повеќе од 10.000 жители (на пример, Ресен или Радовиш) да има свој микрореактор, па така, не само што ќе генерира електрична енергија, туку ќе обезбеди бесплатно греење од разбивање атоми за целиот град.
Ќе видиме и дека нуклеарното гориво, иако со цена на историскиот максимум, учествува во вкупната цена на електричната енергија само со 7 евра/MWh, што е речиси бесплатно. По отплатата на електроцентралата ќе имаме поевтина енергија дури и од фотонапонските централи, пред сѐ поради високиот капацитетен фактор.
Населението не треба да се плаши од новата технологија, која дава најчиста и најбезбедна енергија, која може да спаси до 3.000 луѓе годишно, колку што моментално умираат во Македонија како последица на загадениот воздух. Инаку, до денеска вкупниот број на жртви од мирновременска примена на нуклеарната енергија во светот изнесува само 48 луѓе, сите од инцидентот во Чернобил, кои можеле да бидат избегнати со малку повеќе промислено однесување, како што направиja Јапонците после инцидентот во Фукушима – Даиичи.
Првиот чекор ќе биде на полето на образованието и разбивањето на митовите за нуклеарната енергија, односно поминување на истиот трнлив пат како со вакцините. За ова ќе пишуваме повеќе во претстојниот период, особено за безбедноста, технологијата и исплатливоста.