Македонското стопанство е подржано со 48,5 милиони евра и донесени се и имплементирани шест пакети антикризни мерки, кои се проценети на вредност од околу 1,2 милијарди евра, за спас на работните места и одржување на ликвидноста на компаниите, изјави меѓу другото премиерот Димитар Ковачевски, денеска по посетата во ПИ „Витаминка“ во Прилеп.

Според него поддршката за стопанството и граѓаните продолжува и во период на постпандемија со пакет мерки во вредност од 400 милиони евра.

-Во услови кога цените за горивата на светските берзи секојдневно растат, преку намалувањето на ДДВ-то и на акцизите ги избегнавме ценовните шокови, и ние денес имаме најевтини горива во регионот што е особено добредојдено и за граѓаните и за компаниите. Намаленото ДДВ за основни производи на 0% како и замрзнувањето на маржите овозможи цените на овие производи да не пораснат наднормално со што животниот стандард на граѓаните е заштитен, а потрошувачката кошничка пополна – рече Ковачевски, притоа посочувајќи дека Владата продолжува да субвенционира дури 80% од висината на сметките за струја за домаќинствата, а со програмата за енергетска сиромаштија, 6.500 домаќинства со ниски приходи ќе продолжат да добиваат дополнително намалени сметки за електрична енергија.

Премиерот заедно со министерот за економија Крешник Бектеши оствари средба со раководството и вработените во производните капацитети на „Витаминка“ од Прилеп, компанија со традиција од над 60 години постоење.

-Оваа реномирана компанија ги користи придобивките на Законот за финансиска поддршка на инвестициите, како и на владината мерка за финансиска поддршка за зајакнување на конкурентноста на деловните субјекти во постковид-периодот. По основа на оваа мерка речиси 400 компании, добија вкупна финансиска поддршка во износ од 17,2 милиони евра. „Витаминка“ е компанија која вложува во нови вработувања, реализира капитални инвестиции, ја зголемува конкурентноста и освојува нови пазари. Токму затоа и ги исполнува условите за користење на средства овозможени со Законот за финансиска поддршка за инвестициите преку кој пак поддршка добија повеќе од 350 компании во земјата. Петгодишниот инвестициски проект на „Витаминка“ треба да се реализира до крајот на годината. Досега се инвестирани 419 милиони денари, а согласно планот, инвестицијата ќе достигне 702 милиони денари. До овој момент исплатената државна помош изнесува 68 милиони денари – изјави Ковачевски.

Сашо Наумоски, генерален директор на „Витаминка“ која има над 700 вработени, редовно инвестираат во човечки ресурси, модернизација на производството и опремата.

-И во криза, имавме позитивни години. Инвестиравме во купување на опрема, во фотоволтаична централа за сопствено производство на струја, проширување и опремување на магацински простор, развој на нови производи и за реконструкција и надградба на систем за автоматско управување со линијата за производство на чоколада. Овие инвестиции влијаат врз работата на фабриката во насока на унапредување, модернизација и автоматизација на техничко-технолошките процеси. Моментално извезуваме во 30 земји во светот, што е околу 47 проценти од производството. Со фабриката „Брилијант„ која ја купивме, успеавме да го вратиме брендот на македонскиот пазар. Имаме моментно залихи за непречено работење на фабриката и потпишани договори со добавувачите за редовно снабдување со суровини – рече Наумоски.
Ка.М.