Илустрација / Фото: Нова Mакедонија

Изборите се голем предизвик и за националната економија: кој е поприоритетен за политичарите, гласачите или стопанството?

Во економската наука се елаборирани многу примери каде што економските показатели се влошуваат откако ќе поминат изборите. Нашите соговорници тврдат дека така ќе биде и во Македонија, меѓу другото аргументирајќи дека владиниот пакет е планиран да трае само до средината на годината и кога ќе истече ќе следуваат многу неповолности

Влеговме во нов период во кој има сѐ појасни слики за претстојна остра предизборна кампања. Вообичаено е изборите да го окупираат вниманието на јавноста, на политичките партии, а голем дел од енергијата на надлежните институции е насочена кон нивно организирање и спроведување. Овој пат, ќе се осврнеме на поврзаноста на изборите, изборната кампања, како и периодот на постизборниот процес на транзиција на власта, со економијата, односно како сето тоа директно и индиректно влијае на националното стопанство.

Многу прашања се отвораат кога се поставува релацијата на заемното влијание помеѓу изборите и економијата

Дали изборите ги кочат економијата и инвестициите? Дали може да очекуваме економски бум оваа година по изборите или, пак, напротив? Во борбата за гласачи, сите политички субјекти ветуваат пред сѐ подбора економска иднина – повисоки плати, транспарентно трошење на државните пари, отчетност, поголем економски раст, инвестиции, индустријализација, вработувања, повисок БДП, но ние сме сведоци дека многу од овие ветувања изминатите децении останаа неостварени, прашањето е што по изборите и по сите ветувања?

Според Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, економските резултати обично се подобри во изборни години и ова не е вака само во Македонија, туку секаде во светот.
– Овој феномен во политичката економија се нарекува „политички бизнис-циклус“ и е добро познат во науката. Тоа се случува затоа што владите трошат повеќе пред избори, со цел да го придобијат гласачите, и тоа зголемено трошење позитивно се одразува на економскиот раст, вработеноста, платите и сѐ друго. Така ќе биде и во Македонија сега. Владата пред некој месец донесе пакет за поддршка на економијата од неколку стотина милиони евра, ќе има покачување на платите и пензиите, ќе им се дадат пари на средношколците и студентите, ќе има субвенции и за фирмите. Поради тоа, ќе има свеж прилив на пари во економијата, ќе порасне потрошувачката и ќе заживее севкупната економска активност – објаснува Јовановиќ.

Но се поставуваат две прашања, додава тој, првото е – што по изборите? Тој вели дека во економската наука добро е документирано дека резултатите се влошуваат откако ќе поминат изборите. И посочува дека така ќе биде и во Македонија, затоа што владиниот пакет е планиран да трае само до средината на годината и кога ќе истече ќе има многу неповолности.
– И второто прашање е – што со крупните реформи, кои се потребни за македонската економија навистина да заживее и да има подобри резултати на подолг рок? На Македонија ѝ е потребен своевиден економски ресет, потребен ѝ е нов економски модел, а тоа не се прави пред избори. Така што, на тој план, уште половина година сигурно ќе биде изгубена.

Но она што уште повеќе загрижува тука е што нема никакви назнаки дека ќе има какви било промени и по изборите – истакнува Јовановиќ.

Пазарен фундаментализам

Според Бранимир Јовановиќ, економски аналитичар во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, по економските прашања, како што вели тој, речиси и да нема разлика меѓу владејачката и опозициската партија. И двете партии од економска гледна точка, со своите концепти и програми се со либерална ориентација, се залагаат за немешање на државата во економијата, за ниски и рамни даноци, за приватизација на јавните добра и услуги, за таканаречен „пазарен фундаментализам“… Јовановиќ смета дека, според ова, кој и да ги добие изборите, нема ништо суштински да се смени во економијата.

И од Стопанската комора на Македонија велат дека претстојните избори ќе ја блокираат домашната економска активност најмалку пет месеци, а оние малку пари што доаѓаат од државниот буџет кон стопанството ќе бидат ставени под прашање бидејќи фондовите ќе бидат практично нефункционални барем до јуни 2024 година.
– Најзагрозени ќе бидат микро, малите и средните претпријатија. Кај нив ваквата ситуација се одразува драматично. Тие вработуваат многу луѓе, од нив зависат многу судбини, треба да поделат плата. Не можат да издржат блокади од 100 дена, плус избори, плус формирање влада и плус почеток на нејзино функционирање. Тоа би значело повеќе од половина година нефункционална држава – укажуваат од комората.

Ангел Димитров, претседател на Собранието на Организацијата на работодавци, вели дека и покрај тоа што главната задача на техничката влада е да создаде услови за фер и демократски избори, сепак таа треба да си ги врши сите други обврски за нормално функционирање на економијата и општеството во целина.
– Но, поучени од минатото, знаеме дека дополнителните заменик-министри и новите министри ќе ја користат секоја пригода за добивање партиски поени и меѓусебни препирања, па дури и за кривични постапки. Затоа во овој период, колку и да се надеваме, не очекувам нормално функционирање на Владата, а со тоа и на другите институции.

Во држави каде што имаме непартиска и професионална администрација, овие технички влади не би можеле многу да им „наштетат“ на бизнисот и на граѓаните, но кај нас каде што најголемиот број вработени во администрацијата се партиски кадри, вакво нешто не може да функционира – укажува Димитров.

Според него, економски бум, секако не беше можен и со „нормална“ влада, а камоли со оваа т.н техничка, но далеку од „експертска“ влада. Домашната економија, како што појаснува Димитров, е испружена пред огромни предизвици: немање доволно стручен кадар, заминување на младите од земјата, несоодветното образование, сѐ уште присутните закани од инфлацијата, намалените можности за поттикнување на развојот преку инфраструктурни инвестиции поради растечкиот јавен долг, немањето политичка храброст за реформи на институциите и вработените во нив, владеење на правото, падот и проблемите на европската економија и многу други предизвици, кои долго време се констатираат, но ништо не е преземено за нивно решавање.