Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски и заменик-министерот за економски развој и трговија на Украина Тарас Качка денска во Украинската амбасада во Прага ги потпишаа одлуките за ревидирање на протоколите од Договорот за слободна трговија помеѓу Македонија и Украина.
Договорот е потпишан во присуство на премиерите на Македонија и Украина, Димитар Ковачевски и Денис Шмихал.
–Преку потпишувањето на овој Договор се овозможува бесцарински извоз меѓу двете земји, особено на свежото овошје и зеленчук. Македонските земјоделски производи, како зелка, јаболко, домат, краставица, грозје и други слободно ќе се извезуваат за Украина. Со потпишувањето на овој Договор се постигнува и многу поголема либерализација во врска со правилата за потекло на стоката – соопшти МЗШВ.
Министерството посочува дека зјакнувањето на соработката доаѓа во значаен момент за двете држави, а бенефит од овој Договор ќе имаат македонскиот и украинскиот народ.
–Министерот Николовски упати благодарност до премиерот на Украина Денис Шмихал и заменикот-министерот Тарас Качка, што во вакви сложени услови изнајдоа време и желба за да се потпишеме овој значаен договор – се наведува во соопштението.