Од протестите на пензионерите изминатите месеци / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Со новата методологија на пресметка пензиите веќе пораснаа за 5.000 денари. Односно сега се поголеми за 5.000 денари во однос на тоа што изнесуваа претходно и ќе продолжат да растат во иднина, изјави премиерот Димитар Ковачевски по денешната средба со претставници на здруженија на пензионери, на која присуствуваше и министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска.

Тој рече дека грижата за пензионерите е нивен приоритет и дека со новите мерки го штитат стандардот на највозрасните граѓани.

-Нам ни е важно да го заштитиме животниот стандард на пензионерите со најниски примања, ветивме поддршка за нив и ја исполнивме. Со новиот пакет антикризни мерки во наредните 5 месеци пензионерите со пензија до 14.000 денари ќе добиваат по 3.000 денари месечно, оние кои имаат пензија од 14.000 до 16.000 денари, ќе имаат поддршка од 2.000 денари во наредните 5 месеци, и пензионерите со примања од 16.000 до 19.000 денари, ќе имаат поддршка од 1.500 денари месечно во наредните 5 месеци. За оваа поддршка се предвидени 35 милиони евра, и со нејзе се опфатени над 187.000 пензионери. И ова е само дел од низата мерки што како Влада ги реализираме за пензионерите – истакна Ковачевски.

Тој посочи дека поддршката за пензионерите е континуирана, и секоја мерка е креирана заеднички во соработка со здруженијата, со сојузот и согласно нивните интереси, се разбира согласно со можностите на фондот и Буџетот на државата.

Министерката Тренчевска на средбата истакнала дека продолжува креирањето на политики кои го подобруваат животниот стандард на највозрасната категорија на граѓани и овозможуваат стабилност и континуитет во Пензискиот систем.

-Со донесувањето на деветтиот пакет на антикризни мерки покажавме дека имаме слух за потребите на пензионерите. Со овие мерки ја задржавме стабилноста на фондот, денес се исплатија пензиите навремено и ќе продолжат да се исплаќаат и во наредниот период. Носиме системски решенија за добри резултати на долг рок – нагласила Тренчевска.

Ковачевски по средбата посочи дека со воведувањето на новата методологија е обезбеден постојан раст на пензиите.

-Просечната пензија денес изнесува 20.100 денари што е за 6.400 денари повеќе во однос на 2016 година, односно за 50 отсто. Минималната пензија денес изнесува 13.150 денари, што е за 4.300 денари повисока во однос на 2016 година. Во 2019 година со измени на Законот за социјална заштита, се воведе социјалната пензија, која ги опфаќа лицата над 65 години, кои немаат никаков приход, и не можат по друг основ да остварат пензија – рече премиерот.

Во контекст на тоа додаде дека по примерот на Законот за минимална плата во државата, со закон ќе се утврди и минималната пензија.

-Во 2024 година годишниот буџет за пензии ќе биде најголем досега, односно 1,36 милијарди евра, 560 милиони евра повеќе од 2016 година. Со тоа, од 2017 година заклучно со 2024 година оваа Влада само за пензии ќе исплати 8,5 милијарди евра – нагласи Ковачевски.

Претседателката на Сојузот на здруженија на пензионери Станка Трајкова по средбата искажа задоволство бидејќи претседателот на Владата презентирајќи ги антикризните мерки покажал сериозен однос и почит кон возрасната популација.

-Исплатата на еднократните давања за пензионерите, во период од пет месеци, опфаќа една голема бројка на корисници на пензија и навистина претставува мерка која што е добродојдена во овој период – рече таа.

Меѓутоа, како што истакна, пензионерите поставувале и едно друго многу важно прашање, што после тие пет месеци откако ќе изминат, што ќе се случува со корисниците на пензија.

-Лично верувам како претседател на Сојузот дека во иднина Работната група во која што има и двајца претставници има СЗПМ работи и на долгорочни решенија во однос на подобрување на материјалниот статус на корисниците на пензија, бидејќи исплатата на ова е краткорочна мерка – рече Трајкова.

Додаде дека сите предлози за унапредување на формулата за усогласување на пензиите, за нивелирање на пензиите, за ставање во еднакво правна положба на пензионерите што остваруваат право на пензија во тековната година се дадени во Работната група.

Пензионерите во изминатиот период протестираа барајќи линеарно зголемување на пензиите поради зголемените животни трошоци.