Фото: Влада

Законот за солидарен придонес не е дел од системските закони за даноци туку се работи за еднократен солидарен придонес кој се однесува на компании кои оствариле добивки над просечните во текот на изминатите години и овие добивки ги направиле во време на кризните години, изјави премиерот Димитар Ковачевски во врска со ставот на бизнис-секторот дека не е доволно Владата да го повлече Предлог-законот за данок на солидарност од собраниска процедура туку дека мора да се стопира целосно неговото носење и доколку повторно се активира постапката за негово донесување, прво да се разговара со бизнис-заедницата.

Одговарајќи на новинарски прашања при пуштање социјална станбена зграда во Свети Николе, премиерот појасни дека не се оданочува целата туку се оданочува во делот на апсолутниот износ само еден дел.

-Колку што изнесува дополнителната даночна стапка изнесува апсолутното даночно зафаќање. Запазена е истата процедура на консултации исто како кога државата им помогна на компаниите и нивните менаџери и акционери, со преку милијарда евра во текот на двете најкризни години – рече Ковачевски.

Посочи дека за време на ковид-кризата, државата им помогнала на компаниите да ја одржат ликвидноста и да ги задржат работните места и дека имало компании со намалени или со исти профити, но и компании со поголеми профити и дека само за нив се однесува данокот на солидарност.

-Да не заборавиме, државата во време на корона-кризата финансираше плати на компаниите со цел да можат да ги задржат работните места, потоа обезбедуваше финансиски средства преку Банката за развој за одржување на ликвидноста на компаниите, беа донесени низа мерки коишто беа автономни царински мерки за укинување на царински давачки, намалување стапки на ДДВ, укинување на стапки на ДДВ за голем дел ставки и со тоа успеавме да ја задржиме кондицијата на компаниите и да ги задржиме работните места, на што покажуваат и статистичките податоци. Дел од компаниите работеа со намалени профити, дел работеа со исти, но дел остварија и поголеми и на тоа се однесува само данокот на солидарен придонес – рече премиерот.

Во врска со законите од даночната реформа, одговори дека за нив постои табела за усогласување со законодавството на Европска Унија. Владата ги повлекла и потоа повторно ќе ги достави до Собранието низ процедура за закони кои се усогласуваат со европската регулатива.

-Законите кои се дел од даночната реформа – закон за данок на добивка и закон за додадена вредност предолго беа во процедура во Собранието и воопшто не беа разгледувани од Комисијата за финансирање и буџет и за тоа претседателот на Комисијата не даде објаснување зошто не се разгледувани. Со оглед на тоа дека тие закони се работени заедно со меѓународни финансиски институции, вклучително и делови од Европската комија задолжени за финансии, Владата одлучи да ги повлече, пред се затоа што воопшто не беа разгледувани, а се дел од даночната реформа – додаде Ковачевски.