Фото: Маја Јаневска-Илиева

Kина е една од ретките земји во светот што успеаја пред една година да се вратат на нивото на економски раст пред кризата. Колку овие прогнози за економски раст на Кина, но и самиот факт дека станува збор за голем пазар со кој имаме трговска соработка, може да влијаат на Македонија? Според аналитичарите, кинеската економија обезбедува огромен број производи по поволни цени за разлика од други држави, поради нивното масовно производство и економија на обем, и затоа претставува важен елемент за нашата економија

Кинеската економија се зголеми за 4,8 отсто во првиот квартал од претходната година, покажаа податоците од Националното биро за статистика, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите за растот на БДП од 4,4 отсто и зголемување од 4,0 отсто во четвртиот квартал. Потрошувачката, недвижностите и извозот беа силно погодени и ја влошија прогнозата, која беше надолна поради новите ограничувања на ковид-19 и војната во Украина.
Изненадувачки силниот почеток во првите два месеца од годината ги подобри главните бројки, со зголемување на БДП од 1,3 отсто во периодот јануари-март на квартално ниво, во споредба со очекувањата за пораст од 0,6 отсто. Аналитичарите велат дека податоците од април најверојатно ќе бидат полоши, поради понатамошните влијанија од заклучувањата што се неизбежни, а решеноста на Владата да го запре ширењето рекордни случаи на ковид ги запре автопатиштата и пристаништата и создаде прекини во синџирите за снабдување стоки. Колку овие прогнози за економски раст на Кина, но и самиот факт дека станува збор за голем пазар со кој имаме трговска соработка, може да влијаат на Македонија? Со оглед на тоа што Кина е една од ретките земји што успеаја пред една година да се вратат на нивото на економски раст пред кризата, не се очекува ни сега ништо помалку, дали кинескиот пазар е примамлив за домашните компании и дали македонските компании треба да размислуваат за ширење на своите пласмани и на кинескиот пазар, бидејќи состојбата со Европа во моментов е разнишана?
Ангел Димитров, претседател на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, вели дека, и покрај големите ризици, кинеската економија бележи солиден раст од 4,8 отсто во споредба со лани и тоа е добар показател за целата светска економија.

– Надворешнотрговската размена на Македонија со Кина, иако бележи раст од година на година, сепак е на ниско ниво, ако ја земеме предвид моќта на кинеската економија. Така, во 2003 година таа изнесувала само 14,6 милиони американски долари, за во 2011 година да достигне 127,5 милиони американски долари, во 2008 година 315,6 милиони американски долари, во 2014 година 433,3 милиони, а во 2021 година дури 760,2 милиони долари. Со тоа таа стана петта по големина во однос на трговската размена со Македонија. Сметам дека и во 2022 година ќе продолжи растот на трговската размена со Кина, особено ако се имаат предвид очекуваните големи инвестиции во фотоволтаични централи, а за кои најголемиот дел од опремата се обезбедува од Кина – потенцира Димитров.
Според него, кинеската економија обезбедува огромен број производи по поволни цени за разлика од други држави, поради нивното масовно производство и економија на обем. Затоа, како што вели тој, и во иднина соработката ќе биде многу важна, но прашањето е што ние можеме да им понудиме на Кинезите како наши производи и услуги.
– Се разбира дека нашето земјоделство и производството на прехранбени производи може да најдат добар пазар во Кина, но претходно мораме многу да работиме на реформи во нашето земјоделство. Окрупнувањето на посевите, зголемувањето на продуктивноста и повисоката доработка на земјоделските производи се наши предизвици. За жал, погрешниот модел на субвенционирање на овој сектор не ги даде посакуваните резултати и се надевам дека наскоро Владата ќе предложи нов модел на субвенционирање – објаснува Димитров.
Тој додава дека новото влошување на состојбата со ковид во Кина може да има директно, но и индиректно влијание на нашата економија.

– Директното негативно влијание би било врз увозот на одредени производи, особено за инвестиции, а индиректното преку вложувањето на растот на економиите во земјите каде што најмногу извезуваме – смета Димитров.
Од Стопанската комора на Северозападна Македонија (СКСЗМ) посочуваат дека нашата земја во првите две месеца во 2022 година забележала значителен раст на увозот, кој е скоро 20 отсто повеќе во споредба со истиот период од минатата година, а од друга страна извозот во Кина е идентичен како ланскиот.
– Кина како економија претставуваа важен елемент за нашата економија, бидејќи трговската размена со нив е многу висока, што ја прави да биде еден од најголемите економски партнери. Но имајќи ја предвид ситуацијата во која се наоѓаме, особено во последните години, каде што станавме полноправна членка на НАТО, но исто така и упорните реформи и обиди за зачленување во ЕУ, треба да бидеме претпазливи на тоа каде ќе ја насочиме нашата економија. Ние целиме да го подигнеме стандардот на производи, без разлика дали се увезени или домашно произведени, и долгорочна цел треба да ни бидат европските пазари – сметаат од СКСЗМ.
Оттаму додаваат дека треба да имаме предвид дека транспортните цени за стоките од Кина скокнаа енормно и можеби тоа е причината на порастот на нивото на размената, бидејќи транспортот се пресметува во цените на производите.