Електроенергетскиот систем мора да има функционални базни извори на електрична енергија
За да функционира стабилно, електроенергетскиот систем е неопходно да има свои функционални базни извори на електрична енергија (термоцентрали и евентуално нуклеарни централи) и да биде дополнуван со хидроцентрали и обновливи извори на електрична енергија
Додека светот се развива и иновира за стабилизирање на енергетските системи, со истовремено справување со отпадот од граѓанството и индустријата, „Македонија е во длабок зимски сон“. Последните случувања со пазарот и достапноста на енергија во Европа и најавите за потпишување договор за целосно затворање на македонските термоцентрали до 2050 година водат кон загрижувачка состојба и неизвесна иднина за граѓаните и индустриските субјекти во стабилноста на електроенергетскиот систем и цените на енергентите.
Според Горанчо Петровски, дипломиран металуршки инженер, за да функционира стабилно, електроенергетскиот систем мора да има функционално вградени базни извори на електрична енергија (термоцентрали и нуклеарни централи) и да биде дополнуван со хидроцентрали и обновливи извори на електрична енергија.
– Последните најави за потпишување на договорот за целосно затворање на базните ТЕЦ уште повеќе ја зголемува загриженоста на стручната јавност. Покрај развивањето современи и високобезбедни мини и средно големи нуклеарни термоцентрали, во Европа и во светот сѐ повеќе се иновира и инвестира во термоцентрали на алтернативно гориво – РДФ и РСФ отпад (комунален отпад и согорлив технолошки отпад од лесна индустрија) – посочува Петровски.
Тој додава дека РДФ се прави од цврст комунален отпад, што претставува збир на повеќе видови комунален отпад што не е селектиран, како и неопасен индустриски отпад. Изработката на РДФ започнува со селекција на материјали од цврст комунален отпад што можат да се рециклираат. Потоа, отпадот што останува се ситни и се третира пред неговата компресија во РДФ. Ова гориво се пакува во бали и потоа се испраќа во инсталациите за согорување со цел од него да се добие енергија. РДФ е обновливо гориво, лесно се транспортира и лесно се складира. Калоричната вредност е висока и има стабилно согорување. Исто така, секундарното загадување и емисиите на диоксини се мали.
– Во сегашнава состојба во Македонија мал дел од овој отпад се согорува во цементарницата „Усје“, а најголем дел се депонира во депониите за комунален отпад или се спалува неконтролирано од граѓаните за индивидуално загревање објекти и помали погони, хали и сл. или на диви одлагалишта и диви депонии – потенцира инженерот.
Со ваквиот концепт на развој и инвестирање во современите ТЕЦ, како што вели тој, се постигнува решавање на два најголеми проблема на современото потрошувачко општество – вечниот недостиг од енергија и справување со сѐ поголемиот проблем на создавање отпад и депонирање.
– Размислувањето за оваа проблематика е да се организираат собирањето, рециклирањето и преработката на овие видови отпад од граѓаните и од производствените индустриски објекти (индустриските капацитети што го создаваат во моментов го работат на повисоко ниво и издвојуваат средства за таа намена), но сепак се сведува на депонирање во депонии, што издејствува и уште дополнителни финансиски средства од создавачите, а и од депониите.
Доколку се изгради еден или два енергетски агрегата за контролирано согорување на овие материјали и топлината се искористи за добивање електрична енергија, придобивките ќе бидат двострани за целокупното општество – смета Петровски.
Придобивките, како што вели тој, се намалување на количествата за депониран материјал, а со тоа ќе се зголеми периодот на користење на самите депонии. Ќе се добие електрична енергија од базни електроенергетски системи што се неминовни во системот за производство и дистрибуција на електрична енергија, а цената може да биде и пониска од моменталната, која се добива од постојните термоцентрали. И ќе се намалат и затворат сите диви одлагалишта на отпад, а и ќе има основа да се едуцираат и присилат некои од граѓаните што во моментов го спалуваат овој тип отпад неконтролирано за загревање.
– Моменталната изведба на сите котли во термоцентралите не е наменета за спалување на овој тип отпад. Од причина дека некои лица од администрацијата се потпишале дека ќе ги затворат термоцентралите на лигнит и на мазут до 2030-2050 година. Моето размислување е дека има можност поголем дел од инфраструктурата да се искористи за производство на електрична енергија. Со тоа што во оптимална техничка близина да се изгради блок за спалување на РДФ отпад со сите придружни современи елементи на досогорување (трокоморно), отпрашување и врзување во инертен отпад на преостанатите опасни хемиски елементи (хлор, сулфур, фосфор и мал дел нискоиспарливи метали), каде што инвестицијата би била многукратно помала. Поради ограничените ресурси со енергенти за постојните ТЕЦ, во Македонија може да се направат почетни чекори за инвестирање во парни котли на РДФ и РСФ отпад во самите ТЕЦ и соодветна супституција на постојниот начин со согорување лигнит со согорување отпад – смета Петровски.
Тој напомена дека изградбата на вакви објекти не е едноставен процес и треба да се направат многу сериозни студии на испитувања на количествата и квалитетот на отпадот што се генерира на територијата на Македонија, студија за техничка можност на преадаптација на агрегатите во постојните термоцентрали и студии за собирање, селектирање, преработка и транспорт. Студиите на голем број современи развиени општества, како што додава инженерот, покажале позитивни резултати и затоа во истите тие има изградено вакви системи.
– Кога станува збор за селекцијата на отпад, прво треба да се направат студиите што се наведени, па потоа треба да се одлучи кој тип технологија ќе се изгради и инсталира. Па, потоа ќе се премине на примарните и секундарните потребни технологии за селекција, преземање, доработка и транспорт. Во секој случај, ова е само лично размислување каде треба да се насочи во иднинa дејствувањето во однос на справувањето со отпадот, а паралелно со тоа и со алтернативните извори на енергија – истакнува Петровски.
Според него, ограничувањата на една технологија или постапка се погрешни и неиновативни и во одреден момент може да бидат покорисни, ама за искористување на долгорочни планови, додавајќи дека мора и пошироко разгледување и имплементација.
– А со сегашнава ситуација со потпишаните согласности и ограничениот расположлив период, мора што поскоро да се почне со анализи и студии за реално најприфатливи опции за изградба на нови базни агрегати за производство на електрична енергија, за Македонија да не се доведе во енергетска зависност и енергетско ропство од соседите. Професионалците од електроенергетските системи укажуваат дека новиот тренд на производство на струја од обновливи извори не може да ја замени потребата од постоење на базни производствени агрегати во електроенергетскиот систем – укажува Петровски.