Фото: Пиксабеј

Додека светот се развива и иновира за стабилизирање на енергетските системи со истовремено справување со отпадот од граѓанството и индустријата, „Македонија е во длабок зимски сон“

Пишува: Горанчо Петровски, дипломиран металуршки инженер

Последните случувања со пазарот и достапноста на енергија во Европа и најавите за потпишување договор за целосно затворање на македонските термоцентрали до 2050 година водат кон загрижувачка состојба и неизвесна иднина за граѓаните и индустриските субјекти во стабилноста на електроенергетскиот систем и цените на енергентите.

За да функционира стабилно, електроенергетскиот систем мора да има функционално вградени базни извори на електрична енергија (термоцентрали и нуклеарни централи) и да биде дополнуван со хидроцентрали и обновливи извори на електрична енергија. Современите економии водат голема грижа за стабилноста на ваквите системи. Насоките на развој и иновирање се движат во повеќе комбинирани правци за добивање и искористување на енергијата добиена од сите расположливи енергетски извори и технологии.

Република Македонија располага со три термоцентрали како базни електроенергетски капацитети, од кои термоцентралата во Неготино по подолг временски период беше вклучена во електроенергетскиот систем на Република Македонија во измината 2023 година. Како енергент во ТЕЦ „Битола“ и ТЕЦ „Осломеј“ се користи лигнит (нискокалоричен јаглен), додека во ТЕЦ „Неготино“ мазут. Резервите на лигнитот во Република Македонија се во мали количества, а мазутот, кој во првата замисла кога е градена ТЕЦ „Неготино“ бил продукт од работењето на тогаш НАШАТА рафинерија „Окта“, во моментот се набавува на слободен пазар по релативно високи цени.

Изминативе години околу нашите ТЕЦ се нижат голем број афери и правење огромни финанскиски и еколошки штети: користење нискоквалитетен мазут, а се споменува и мешање на искористено моторно масло и трансформаторско масло, користење нискокалоричен лигнит од ископите во Суводол, набавка со сомнителен јавен тендер од Албанија и мешање на лигнитот со мазут и отпадни масла и мазива за подигнување на калоричната моќ на засипот за согорување.

Последните најави за потпишување на договорот за целосно затворање на базните ТЕЦ уште повеќе ја зголемува загриженоста на стручната јавност.
Покрај развивањето современи и високобезбедни мини и средно големи нуклеарни термоцентрали, во Европа и во светот сѐ повеќе се иновира и инвестира во термоцентрали на алтернативно гориво – РДФ и РСФ отпад (комунален отпад и согорлив технолошки отпад од лесна индустрија).

Со ваквиот концепт на развој и инвестирање во современите ТЕЦ се постигнуваат решавања на ДВА најголеми проблема на современото потрошувачко општество: вечниот недостиг од енергија и справување со сѐ поголемиот проблем на создавање отпад и негово депонирање.

Современиот начин на живот создава сѐ поголеми количества на отпад и современиот свет се стреми кон комплетно селектирање на собраниот отпад, максимално рециклирање и реискористување, а термоенергетското искористување е последен процес во искористување материјали што не може да се реупотребат.
Ваквите термоцентрали се дополнети со современи системи за отпрашување на излезните гасови и апсорбирање на сите штетни материи што настануваат во процесот на термичко разложување пред да бидат испуштени во атмосферата. Поради ограничените ресурси со енергенти за постојните ТЕЦ во Република Македонија може да се направат почетни чекори за инвестирање во парни котли на РДФ и РСФ отпад во самите ТЕЦ и соодветна супституција на постојниот начин со согорување лигнит со согорување отпад.

Со ваквата замена ќе се спречи потребата од увоз на лигнит и мазут од странство по многу високи цени. Термоцентралите ќе се направат да може да работат со комбиниран режим и со помош на природен гас. Во иднина се очекува да се изведе целосна гасификација на Македонија. Ќе се реши и моментално најголемиот проблем со депонирањето на комуналниот и технолошкиот отпад во Република Македонија и создавањето на еколошките бомби од диви депонии на разни локации. Со овој начин на справување со создадениот отпад, потребните количества на инертен отпад за депонирање ќе се намалат за минимум 80 отсто. Доколку се направат дополнителни инвестиции во некои од постојните ТЕЦ, вредноста на инвестициите може да се намали за повеќе од 50 отсто по агрегат.