Фото: Игор Бансколиев

Македонија со членството во НАТО, покрај безбедносно-политичките придобивки, се стекна и со економските привилегии да се учествува во (пре)распределбата на финансискиот колач, кој се проценува на пет милијарди евра годишно. Но досега само 32 македонски компании имаат потврди за способност да учествуваат на тендерите на НАТО

Неискористени можности за економска соработка со НАТО (2)

Само триесет и две македонски компании што досега направиле сериозен напор и компаниско приспособување и реструктурирање ги исполниле условите за да можат да учествуваат на тендерите на НАТО, за набавка на разни прехранбени производи, опрема и извршување различни услуги за потребите на најголемата воена алијанса. Македонија со членството во НАТО, покрај безбедносно-политичките придобивки, се стекна и со економските привилегии да се учествува во (пре)распределбата на финансискиот колач, кој се проценува на пет милијарди евра годишно. Заради олеснување на пристапот на домашните компании до меѓународните тендери на набавките што ги спроведува НАТО, Министерството за одбрана во 2021 година го формира Центарот за поддршка на македонските компании за учество.

Помош на компаниите во процесот на приспособување на критериумите на НАТО

Целта на овој центар за поддршка на македонските компании е да им помогне на компаниите во процесот на регистрација за да можат тие да се јават како потенцијални снабдувачи на тендерите објавени од Алијансата.
– Од формирањето на овој центар се издадени потврди за регистрација на економски оператори и потврди за способност на 32 компании – ни одговорија од Министерството за одбрана за тоа каква е заинтересираноста на македонските компании за искористување на економските можности што им ги нуди членството на Македонија во НАТО.
Во Министерството за одбрана, но и во другите економски ресори и институции, не располагаат со конкретни податоци за финансиските ефекти од досегашната соработка меѓу македонските компании и НАТО.
– Фирмите аплицираат директно во Агенцијата на НАТО за јавни набавки (NSPA). Институциите на НАТО-членките не се вклучени во процесот на објавување тендери и одлучување по нив. Целата процедура се спроведува директно меѓу фирмите што се регистрирани за учество на тендерите на НАТО и имаат обезбедено соодветен сертификат и агенцијата на НАТО за јавни набавки – ни изјавија од Министерството за одбрана.
Македонските компании се технолошки подготвени за ги исполнат условите за економската соработка и стандардите што се одредени од НАТО, но од Министерството за одбрана објаснуваат дека основен предуслов за да може компанија да биде регистрирана, а со тоа и да има можност да учествува во набавките што ги спроведува НАТО, е истата таа да биде технолошки подготвена односно да ги исполнува условите што се пропишани од страна на НАТО.
Од Министерството истакнуваат дека во рамките на Комитетот МКД2030 е формиран посебен поткомитет „НАТО во поддршка на бизнис-заедницата“, во кој членуваат претставници на Стопанската комора и бизнис-заедницата. Досега се одржани две работилници, на кои се споделени различни податоци околу регистрацијата и пријавувањето на набавките. Наскоро ќе се организираат и денови на индустријата, на кои ќе бидат присутни претставници на НАТО-агенциите на набавки, кои ќе ги запознаат домашните стопанственици со можностите за учество на пазарот на НАТО.

Недоволна заинтересираност кај домашните компании и недоволна екипираност?!

Од бизнис-заедницата признаваат дека има недоволна заинтересираност кај домашните компании за нивно поголемо вклучување во синџирот на набавки за потребите на НАТО. Како една од причините е недоволната кадровска екипираност на малите и средните компании во Македонија, за што се бара и целосна посветеност во добивањето на потребните сертификати, а и подоцна со следење на постапките на тендерите што се објавуваат од партнерите од воената алијанса.
– Неповолна околност беше и тоа што изминатите три години, односно од периодот на зачленување на Македонија во НАТО, беа период и на тешка економска и енергетска криза, поради што добивањето на потребните сертификати беше ставана во втор план. Кај домашните компании постои и перцепција дека тендерите што се објавуваат од НАТО се недостижни за мали компании од мали земји-членки. Затоа и малку од нив се одлучуваат да посветат повеќе време и енергија за добивањето на потребните сертификати – ни изјавија од компаниите со кои контактиравме.
Од поткомитетот „НАТО и бизнис-заедницата“, кој беше формиран кон крајот на минатата година во рамките на Стопанската комора на Македонија, велат дека поголемото вклучување на македонските компании во синџирот на набавки за потребите на НАТО зависи пред сѐ и од мотивацијата на домашните економски субјекти.
– Од воениот буџет што се издвојува за членството во НАТО, дел треба да биде вратен и во националните економии, преку учество на домашните компании на тендерите за набавки. Во компаниите треба да сфатат дека таквата соработка е долгорочна и носи поголема финансиска сигурност доколку се влезе во системот на набавки за НАТО. Потребно е во секоја компанија да се покаже истрајност и да определи еден тим што би работел на оваа проблематика. Секако дека тоа подразбира исполнување одредени стандарди. Во делот на базичната индустрија, на пример во преработувачката на храна или во текстилниот сектор, секако дека можеме да ги задоволиме условите пропишани од НАТО. Не смееме да ги пропуштаме можностите што ни се нудат како во една од последните големи вежби, кога некои прехранбени продукти и други производи се набавуваа од други земји. Мораме да си ја завршиме нашата домашна задача и да се постигне поголема мотивација за да ги поминеме тие процедури – ни изјавија од поткомитетот „НАТО и бизнис-заедницата“. М.Ј.


Македонија не може да конкурира во светската воена индустрија на оружје, но секако може да биде испорачател на текстилни производи, униформи, храна, кондиторски производи, како и производи од металопреработувачката индустрија по примерот на „Брако“. Тоа е начинот како, покрај безбедносниот чадор на НАТО, Македонија да има и економска придобивка од тоа, која ја заслужува по компромисите што беа направени за зачленувањето

„Брако“ објави дека ги исполни условите за бизнис-соработка на НАТО

Неделава „Брако“ објави дека ги исполни условите на Алијансата, а наедно НАТО доби и сертификати и гаранции од македонската држава со кои се потврдуваат производството и техничкиот капацитет на компанијата. За потребите на НАТО, „Брако“ ќе понуди контејнерски системи за кампови и полски болници, медицинска опрема, возила за чистење на воените бази, приколки за транспорт и различни видови безбедносна жица. Постапката ја почнале сами.
– Се обративме писмено до Агенцијата за снабдување на НАТО, ги исполнивме сите формулари и обрасци, со сите неопходни податоци за компанијата, производството, што може да понуди за НАТО итн. Следна фаза беше тоа што НАТО се обраќа до самата држава од која доаѓа компанијата и државата е потребно да потврди и гарантира дека тој економски субјект постои, работи и се наоѓа во економскиот и правниот промет. Ги приложивме сите потребни документи до Министерството за одбрана, станува збор за голем број документи со кои се прави скенирање на фирмата. Со оглед на тоа што „Брако“ е една од најголемите и најуспешни македонски фирми, ние ги исполнивме сите услови и Министерството за одбрана испрати сертификати и гаранции за „Брако“ до НАТО – ни изјавија од компанијата.
Македонија не може да конкурира во светската воена индустрија на оружје, но секако може да биде испорачател на текстилни производи, униформи, храна, кондиторски производи, како и производи од металопреработувачката индустрија по примерот на „Брако“.
– Тоа е начинот како, покрај безбедносниот чадор на НАТО, Македонија да има и економска придобивка од тоа, која ја заслужува по компромисите што беа направени за зачленувањето – велат од „Брако“.