Недостигот од квалификувана работна сила е најголемиот проблем со кој моментално се соочува Европа. Според институтот за економски истражувања „Ифо“ од Минхен, речиси половина од германските компании се погодени од недостиг од стручњаци, најголем недостиг од работници е забележан во услужната дејност, а погодени се дури 64 отсто од хотелиерството и угостителските компании, слична е состојбата и во транспортот и превозот на стоки. Какви се состојбите кај нас

Феноменот на пронаоѓање квалитетна работна сила станува сѐ поизразен и во Македонија, но и во Европа. Во најнепријатна состојба не се наоѓаат само помалку развиените земји, кои поради ниската цена на трудот и претходно се соочуваа со дефицит од работници од градежната и од занаетчиската дејност, туку во моментов и Германија се соочува со недостиг од квалификуван кадар. Според институтот за економски истражувања „Ифо“ од Минхен, речиси половина од германските компании се погодени од недостиг од стручњаци, најголем недостиг од работници е забележан во услужната дејност, а погодени се дури 64 отсто од хотелиерството и угостителските компании, слична е состојбата и во транспортот и превозот на стоки. Според германскиот институт, во секторот преработувачка индустрија најпогодена е прехранбената индустрија, додека, пак, во градежниот сектор 39,3 отсто од компаниите се жалат на недостиг од работници, а бројката би била поголема доколку градежните компании би можеле да работат со полн капацитет, што во моментов не е случај поради недостиг од материјали.
Германската влада неодамна најави промена во Законот за имиграција, со која ќе им се овозможи имиграција на млади луѓе што се подготвени да изучуваат некои од дефицитарните занимања.
Социјалдемократско-зелено-либералната влада подготвува и измена на Законот за азил, со која на младите чие барање за азил е одбиено или се во процес на чекање одговор ќе им се овозможи да останат во Германија во случај на успешна обука.
Во Македонија проблемот со сѐ помалку квалификувани работници беше присутен и пред ковид-кризата, а во изминатиот период не беше толку алармантен затоа што компаниите имаа намалени економски активности. Но, по завршувањето на кризата, тој пак удри со целата негова жестина, вели претседателот на собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров.
– Во суштина, станува збор за еден голем расчекор помеѓу понудата на работна сила и побарувачката на работна сила. Значи, побарувачката на работна сила ја прави структурата на нашето стопанството. Какви дејности имаме, такви работници бараме. Додека факултетите и средните училишта квалификуваат какви желби имаат учениците и студентите, а не какви потреби има стопанството – вели Димитров.
Како што додава тој, решението на проблемот не е ниту лесно ниту брзо. Треба да се започне со реформи во образованието, кои резултатот ќе можат да го дадат најрано за десетина години.
– Наедно, потребна е државна поддршка за структурни промени во индустријата во која, наместо традиционалните текстил, мебел, металургија, ќе се зајакнат металопреработувачката индустрија, хемијата, фармацијата и други пропулзивни гранки што ќе исплаќаат поголеми плати и ќе ги задржат младите во земјава – нагласува Димитров.
Како што споменува тој, сите земји во регионов имаат проблем со иселувањето, па, така, од овие земји не можеме да очекуваме работници.

– Тоа може да бидат единствено работници од земјите со понизок стандард од нашиот, како од Далечниот Исток, и од земјите зафатени со војни и природни катастрофи – укажува Димитров.
Во согласност со политиката за миграција, условите и флуктуацијата на пазарот на трудот, Владата годишно утврдува квота на работни дозволи преку која го ограничува бројот на странци на пазарот на трудот.
Според законите, квотата не може годишно да надминува 5 отсто од населението на Македонија што законски е вработено, според податоците на Државниот завод за статистика. Годинава таа квота изнесува 5.000 работници од странство.
Но податоците на Министерството за труд и социјална политика покажуваат дека државата во последниве години е принудена да ја зголемува квотата, бидејќи потребата од странска работна сила расте.
– Во последните неколку години квотата на странски работници беше 3.250 лица на годишно ниво, но во текот на претходната година оваа квота во целост беше исполнета, поради што во консултации со Агенцијата за вработување и другите релевантни институции и министерства беше дефинирана потребата од странска работна сила за 2023 година на 5.000 странски работници – велат од МТСП.
Потребата од потрага по странски работници се должи на тоа што Македонија го губи своето работоспособно население.