АНАЛИЗА НА МИНИСТЕРОТ ЗА ФИНАНСИИ

Се навршија седум месеци од почетокот на војната во Украина. Економските изгледи и понатаму остануваат со висока доза на неизвесност, со надолни ризици поради растечката инфлација, можност за запирање на испораката на гас од Русија, раст на цената на електричната енергија и затегнување на условите за финансирање. Секоја финансиска институција што се занимава со прогнозирање, во своите извештаи ја наведува условеноста на економските проекции од развојот на ситуацијата во Украина, односно времетраењето на конфликтот и санкциите кон и од Русија. Секако, тука е и задршката во однос на новите бранови или соеви на ковид-19, што сѐ уште е закана. Инвеститорите се поделени – едни сметаат дека кризата го достигнала врвот и најлошото е зад нас, додека други сегашното зеленило на берзите го сфаќаат како осцилација пред „мечкин пазар“.

Бидејќи неизвесноста е единствената извесност што постои, и да знаеш како да живееш во несигурност е единствената сигурност (според познатиот американски автор и универзитетски професор од областа на математиката Џон Ален Паулос), оваа колумна ја посветувам на согледување на тековните состојби и претпоставките за иднината, кои на читателот ќе му дадат поширока слика за случувањата, но наедно ќе му помогнат и да извлече корисни заклучоци за тоа кои се расположливите можности и стратегии. Во продолжение е еден преглед на состојбите и очекувањата за европската економија, движењата на пазарите, препораките и мерките од страна на меѓународните финансиски институции и активностите од наша страна. Понатаму, тука се и системските промени што ќе нѐ направат поотпорни за некои нови предизвици во иднина.

Очекувања за европската економија – можна контракција во второто полугодие, но позитивен БДП во 2022-та

Да почнеме од Европа. Ќе дадам една аналогија, според добропознатата изрека на Мeтерних – „кога Франција ќе кивне, Европа ја фаќа настинка“. Имено, поради нашата економија, како мала и исклучително отворена економија, со изложеност од 140 проценти од БДП и со околу 80 проценти од извозот насочен кон ЕУ и 50 проценти кон Германија, сосема е логично дека случувањата во ЕУ и Германија нѐ засегаат. Тие во голема мера се одразуваат на економските движења кај нас.
Инфлацијата во ЕУ продолжи да расте и во јули, и тоа во најголема мера како резултат на растот на цените кај енергијата. Во согласност со податоците на Евростат, таа достигна 9,8 отсто во ЕУ, додека 8,9 отсто во еврозоната, или на највисоко ниво од нејзиното формирање. Естонија, Летонија и Литванија забележаа стапки на инфлација од над 20 отсто, додека 16 од 27 земји-членки имаат двоцифрена инфлација. Проекциите на Меѓународниот монетарен фонд од јули за економски раст во еврозоната во 2022 и 2023 година повторно се коригирани надолу, вклучувајќи и за поголемите европски економии – Германија, Франција и Италија. Да нагласиме, сепак, дека се очекува раст на БДП и во 2022 и во 2023 година, само значително забавен во однос на претходните очекувања. Имено, според прегледот на ММФ од јули, растот во еврозоната се очекува во 2022 година да биде 2,6 отсто во 2022 година и 1,2 отсто во 2023 година, што е за 0,2 и 1,1 проценти поени, соодветно, пониско во однос на априлските проекции. Растот на германската економија е проектиран на 1,2 отсто и 0,8 отсто во 2022 и 2023 година соодветно, што е повторно надолна корекција во однос на априлските проекции на Фондот за 0,9, односно 1,9.
Врз основа на Индексот за деловна активност (PMI – Purchasing Managers Index), или економски индикатор за трендовите во производството и услужната дејност, еврозоната во август контрахира. Додека светските ценовни притисоци се намалија во изминатите неколку месеци, како резултат на решавањето на проблемите во синџирите на доставување, заканите што доаѓаат од растечката цена на природниот гас во Европа, како и високите притисоци кај домашните цени, ја одржуваат инфлацијата висока.

И претходно очекувањата за европската економија беа дека се можни негативни квартални резултати во текот на 2022 година. Сепак, дека развојот на ситуацијата е на полошо се огледа преку растот на европските цени на гасот од крајот на јули за 50 отсто. Постојаниот раст на цените на гасот и можноста тие да останат и понатаму високи укажуваат на тоа дека еврозоната веројатно ќе претрпи поголема контракција отколку што првично се очекуваше (иако технички може да се зборува за рецесија, односно за негативен квартален раст на БДП, две тримесечја по ред – како што дадовме објаснување и погоре, очекувањата за годишниот раст сѐ уште се позитивни). Процените се дека цената на гасот ќе влијае инфлацијата во еврозоната следните месеци да се задржи околу 10 отсто. Понатаму, високите цени на гасот ќе ги зголемат трошоците на компаниите, кои, пак, ќе продолжат да ги пренесуваат тие трошоци на цените на своите производи, така влијаејќи и на базната инфлација. Истовремено, растот на цената на гасот влијаеше на падот на еврото во однос на доларот, зголемувајќи ги цените на увозот. Во меѓувреме, домашно произведените ценовни притисоци се исто така високи. Сето ова ќе повлијае на раст на базната инфлација во еврозоната, за која се очекува да достигне околу 5 отсто следните месеци, а потоа да застане на 4,5 отсто во 2023 година.
Цените на енергијата за европските домаќинства и фирми ќе бидат повисоки од претходните очекувања. Ова ќе повлијае на довербата на потрошувачите, која ќе опаѓа и сѐ помалку ќе бидат подготвени да ги трошат своите заштеди, што ќе се одрази на потрошувачката во втората половина од годината. Цената на енергијата ќе има влијание и врз инвестициите. Зголемените трошоци и послабите изгледи за финална потрошувачка ќе повлијаат на фирмите да скратат на несуштествените проекти.

Затегнување на основната камата на ЕЦБ

Фискалната и монетарната политика ќе бидат затегнати. Иако се очекува поддршка од европските влади за апсорпција на дел од ефектите од покачените цени за енергија за домаќинствата и фирмите, сепак не може да се очекува дека тие ќе ги надоместат сите нови трошоци. Европската централна банка речиси сигурно ќе продолжи со затегнување на монетарната политика, а тоа ќе го забави и растот. Се очекува ново зголемување на основната камата за 0,50 процентни поени во септември, а не е исклучено ниту ново затегнување во октомври. Послабата економија може да направи надолен притисок врз цените, но треба да се има предвид и дека ударот е и врз понудата и врз побарувачката.
Во согласност со првичните информации на национална основа, погодена од енергетската криза, германската економија нема добар перформанс, со најниски вредности во согласност со ПМИ-индексот и кај производствената и кај услужната дејност, од јуни 2020 година. Очекувањата се дека Германија и Италија ќе бидат најсилно погодени од растот на цената на гасот. Германија од аспект на индустријата, додека Италија поради зависност од гас во производството на електрична енергија. Француската економија е помалку зависна од гас од повеќето, додека нејзината влада презеде мерки за поддршка на домаќинствата. Шпанија, пак, е помалку поврзана со европските енергетски пазари.

Генеза на проблемот – економската војна преку енергентите меѓу Русија и ЕУ

И во претходните колумни пишував за заканите на руско-украинската војна за европската економија. Околу 35 отсто од гасот што го увезува Европа се од Русија, а цената на природниот гас влијае на цената на електричната енергија. Цената на електричната енергија, пак, влегува во цените на домашното производство, но и увозните цени на другите производи. Како дел од санкциите врз Русија, но и рускиот одговор на нив, Европа планира и го намалува користењето руски гас, со забелешка дека притоа обезбедувањето соодветен супститут оди бавно. Како се одразува тоа, ќе илустрирам со податокот дека само најавата на руски „Газпром“ дека ќе ја прекине испораката на гас преку Северен тек 1 во ограничен период од неколку дена по 31 август, придонесе за драстичен раст на цените на гасот и електричната енергија на европските берзи.
Цената на гасот достигна до околу 300 евра по мегават-час. Природниот гас поскапе на над 3.300 долари за 1.000 кубни метри. Инаку, за илустрација, овој енергент од средината на 2021 година – досега е поскапен за неверојатни 700 отсто!
Рекорди руши и цената на електричната енергија. На германската берза на крајот на август цените достигнуваа над 700 евра за мегават-час за едногодишна испорака, додека на француската берза над 800 евра за мегават-час. Инаку, пазарите на електрична енергија во Франција и во Германија ја диктираат цената и на другите берзи низ Европа, како бугарската, унгарската, словенечката… Па, така, овие врвови се одразија и на сите регионални берзи и цената достигна и до 600 евра за мегават-час. Инаку, во 2021 година, на европските берзи цената над 75-100 евра за мегават-час се сметаше за висока, додека на регионалните берзи цените се движеа не повеќе од 50 до 75 евра.

Очекувањата на енергетските експерти се дека до крајот на зимата оваа состојба нема да се менува многу, освен во случај на прекин на војната во Украина и одлука на Германија да увезува руски гас преку Северен тек 1 и 2. Додека, пак, ако Германија, која доминантно влијае на цената на струјата на европските пазари продолжи со намерата за престанок на користење на рускиот гас, високите цени на енергијата ќе потраат неколку години.
Тоа што е карактеристично, како што пишува британското списание „Економист“, ова не е само класична војна на Русија во Украина, туку глобална хибридна војна, меѓу автократските режими од Истокот и демократските системи на Западот. Тоа е глобална геополитичка војна, со глобални економски импликации преку енергетски ресурси, технологии, економски и финансиски санкции од двете страни, што на среден рок може да има сериозни импликации на светскиот поредок (пред сѐ се мисли на односите на Русија и Кина во релацијата со ЕУ и САД), глобализацијата, економскиот, финансискиот и технолошкиот развој.
Ова што се случува на европскиот континент веќе е огромен економски шок од светски размери, чии последици сериозно ги чувствуваме и во нашата економија. Тоа е сериозен економски шок што не може да се избегне и сите ќе го почувствуваме, но секој ќе мора да даде свој придонес за апсорбирање на овој надворешен економски шок, со носење дел од товарот преку штедење, рационализација и реорганизација. Секако, и Владата ќе продолжи да биде активна и да помогне во справувањето со овој тежок надворешен економски шок.

Владини мерки за апсорбирање на надворешниот шок

Како ќе се одразат европските проблеми на нашата економија? Каналите се впрочем исти како и претходно (пишував за ова и кога почна војната во Украина): тука се инфлаторните движења (кои ќе се пренесат главно преку цената на енергијата на домашните цени), трговијата – која ќе биде под влијание на попрудентната потрошувачка, а исто така тука е и инвестициската претпазливост.
Што може да се направи? Владата презема и ќе презема мерки, но имајќи предвид дека многу поразвиени економии од нас не можат да го апсорбираат целосно шокот, тоа не може да се очекува ниту кај нас. Во Економскиот преглед од јули, ММФ повторно ги повтори препораките дека треба да се оди кон системски и целни мерки.
Препораките се да се дозволи да дејствуваат пазарните сили на понудата и побарувачката, со поддршка за најранливите. Ценовните сигнали се клучни за конкретен одговор од побарувачката, а со тоа и почеток на стабилизацијата. Побарувачката за енергија е еластична, односно растот на цената влијае на намалување на побарувачката, а со текот на времето, како резултат на намалената побарувачка, цената ќе се стабилизира.

Мерки за амортизирање на растечките цени на електричната енергија преземаме веќе една година, преку субвенции на производството на ЕСМ и намалувањето на ДДВ за електрична енергија од 18 отсто на 5 отсто (на годишно ниво тоа го чини буџетот на државата околу 50 милиони евра помалку приходи од ДДВ). Но сите ние мора да бидеме свесни за големината на овој надворешен удар. Имено, цената на електричната на енергија на регулираниот пазар кај нас е пет пати пониска во однос на пазарната цена на струјата – тоа е поддршката што ја даваме за домаќинствата и дел од компаниите што се мали потрошувачи. Разликата во цената на чинење и продажната цена на електричната енергија што се обезбедува од државната компанија ЕСМ на регулираниот пазар за домаќинствата, како и за загубите на преносната и дистрибутивната мрежа (што придонесува за пониска цена на електрична енергија и за делот на стопанството што е на либерализираниот пазар), надминува 200 милиони евра годишно. Но цените на берзите продолжуваат да растат, а со тоа и трошоците за буџетот. Затоа треба да се преземаат и други мерки покрај субвенционирањето и откажувањето од давачките. Итно треба да се преземаат мерки за штедење електрична енергија од сите институции во јавниот сектор и субјекти во приватниот сектор, како и во секое домаќинство, едноставно секој граѓанин треба да даде свој придонес – според максимата „Штеди и продолжи!“, по примерот на Велика Британија, која пред бомбардирањата за време на Втората светска војна објави постери со слоганот „Смири се и продолжи!“ (Keep Calm and Carry On!). Тоа на среден рок треба да биде ориентацијата кон енергетската ефикасност, а понатаму и нови одржливи извори. Ако не станеме поодговорни сите, ништо не е постигнато. Само успеваме трошоците да ги префрламе од еден џеб во друг, бидејќи даноците ги плаќаме сите.
Во однос на другите мерки, во буџетот имаме издвоено 76 милиони евра резервни средства за нови антикризни мерки. Обезбедивме дополнителни средства во буџетот, околу 100 милиони евра повеќе за гарантираниот минимален доход и за субвенции за земјоделците. Ги зголемивме платите во здравството, полицијата, судството, поддржавме раст на минималната плата, поддржавме преку субвенции раст на плати во приватниот сектор. Обезбедени се и дополнителни 200 милиони евра надвор од буџетот – 100 милиони преку Европската банка за обнова и развој за ЕСМ и 100 милиони преку Европската инвестициска банка за Развојната банка за поддршка на стопанството. Во преговори сме и со Европската комисија и ЕИБ во рамките на Програмата за економски развој за средства од 250 милиони евра за гарантната шема. Најновата мерка што ја донесовме минатата недела за поддршка на ликвидноста на компаниите e постепено намалување на законско утврденото време за сервисирањето на обврските на јавниот кон приватниот сектор.

Владата работи на нов пакет на антикризни мерки, Премиерот со економскиот тим на Владата е во тесна координација со деловната заедница и сите општествени чинители, за да се најдат најсоодветните решенија за поддршка на граѓаните и стопанството, особено за најранливите категории со целни мерки.

Долгорочно решение

Сите овие мерки делумно ќе го амортизираат шокот што ќе дојде однадвор. Но јас сум за тоа секогаш да се биде реален и да не се разубавува вистината. Зимата ќе биде тешка, и за цела Европа и за нас. Владините мерки ќе го ублажат ударот, но нема целосно да го спречат – тоа нема да го направат ниту богатите економии. Она што треба да го направиме сите е да тргнеме од општата свест и да зборуваме кои се најдобрите опции за нас, а не најдобрите опции за мене. Разбирливо е дека секој тргнува од својот проблем и секому неговиот проблем му изгледа најголем, но најоптимални резултати и најмали последици може да постигнеме само доколку размислуваме како целина, како едно.

Тука доаѓам кон последната точка од мојата колумна и наедно до долгорочното решение, а тоа се системските промени. За во иднина апсорпциската моќ на економијата во случај на криза да биде значајно поголема – како и обезбедување поквалитетни јавни услуги, мора да има промени на приходната страна (се разбира и поголема контрола на расходната страна, што ќе го постигнеме преку системскиот закон за буџети). За обезбедување одржливи јавни финансии, неопходни се ревидирање и рационализација на буџетските расходи преку системски и одржливи решенија. Тоа ќе значи и структурни реформи во кои работат ресорните министерства и институции, и тоа за оптимизација и зголемување на ефикасноста на државната администрација, поквалитетно здравство и образование, ревидирање на субвенции во земјоделството, базирано на принос и обезбедување стратегиски производи, социјално осигурување, подобрување на перформансот на јавните претпријатија, и ќе продолжиме со натамошно намалување на сите неприоритетни трошоци, како што се патни трошоци, дневници, електрична енергија и други енергенти, мебел, возила и слично. Затоа сега е вистинско време да се зборува за оптималниот концепт на оданочување, вклучувајќи и мерки за сузбивање на сивата економија, кои ќе обезбедат доволно приходи за сигурносен заштитен слој (бафер) во идни вакви потреси. Дебатата е отворена и таа во континуитет се одвива со сите чинители со кои заедно ќе дојдеме до најоптималното решение. За мерки се потребни средства и тие мора да дојдат од некаде – од подобрена наплата или од заем. Ако даночниот систем беше поефикасно и поправично поставен со поголем опфат (тука зборувам и за сивата економија), апсорпциската моќ на економијата сега ќе беше поголема, а потребата за задолжување помала.

И сосема за крај – повторно ќе ги спомнам енергетската ефикасност и водењето зелена и одржлива економија. Во иднина, просперитетни економии ќе бидат оние што ќе имаат висок степен на одржливост. Оваа и претходната криза ни покажаа дека е потребен повисок степен на приспособливост на економиите. Оние што ќе знаат брзо да одговорат на предизвиците, се оние што ќе успеат. Инвестициите во одржливите извори на енергија се еден сегмент од тоа. Друг сегмент е одржливото земјоделство. „Одржливост“ во иднина ќе биде клучниот збор. Иновативноста и претприемаштвото во оваа насока ќе дадат најголема додадена вредност и вреди да размислуваме за тоа.

„Не сме ја наследиле земјата од нашите родители, ја позајмуваме од нашите деца.“ (народна поговорка)

Автор: Фатмир Бесими