Фото: Маја Јаневска-Илиева

Инволвираните во туристичката дејност велат дека на ски-центрите им се потребни дополнителни содржини што ќе привлекуваат туристи во текот на целата година, не само во зимските месеци

ЗИМСКАТА СЕЗОНА БЕЛЕЖИ РЕКОРДНА ПОСЕТЕНОСТ

Врнежите од снег и ниските температури примамија повеќе туристи во зимските центри, чии претставници посочуваат дека се задоволни од досегашната посетеност. Тие велат дека во јануари капацитетите биле целосно исполнети, а очекуваат солидна посетеност и следниот месец, и покрај почнувањето на второто полугодие од учебната година. Сепак, инволвираните во оваа туристичка дејност додаваат дека на овие центри им се потребни дополнителни содржини и понуди што ќе привлекуваат туристи и во текот на целата година, не само во зимските или летните месеци.
– Временските услови овозможија ски-сезоната да почне порано. Благодарение на ладното време и врнежите од снег, „Ресорт Маврово“ ги прими своите први гости скијачи уште во декември минатата година. Поради падот на температурите, имавме совршени услови за правење вештачки снег. Како ски-центар, во 2018 и 2019 година, инвестиравме во систем за заснежување и создавање вештачки снег. Опремата е поставена на патеката Корја (едносед) и на патеката Маврово 2 (двосед) и ја продолжува зимската сезона за скијање. Треба да се знае дека температурата и влажноста на воздухот треба да исполнат одредени барања за производство на снег и дека температурата на водата игра клучна улога во сето ова. Идеално е температурата да биде малку над точката на мрзнење на водата. Значи, патеките за скијање се беспрекорно подготвени за скијање, на што укажуваат и бројките на скијачи – вели Огњан Циговски, директор на „Ресорт Маврово“.
Циговски посочува дека во согласност со досегашните податоци што ги имаат, оваа зимска сезона ќе биде рекордна во однос на посетеноста на Маврово и користењето на услугите на ски-центарот.

– Останува да почекаме затоа што ски-сезоната сѐ уште е во тек. Во овој момент, во хотелите во Маврово многу тешко се наоѓа слободна соба. Иста е ситуацијата и во приватните сместувачки капацитети. Полни се и викенд-куќите поради снегот и поради продолжениот училиштен распуст за учениците. Нашите очекувања се дека и наредниот месец, февруари, ќе биде многу ефективен месец. Традицијата на скијањето покажува дека, генерално, овој месец е најпосетен поради идеалните услови за скијање во Маврово. Исто така, „Ресорт Маврово“ има богат календар со активности за следните два месеца. Во февруари го организираме изборот на крал и кралица на планината. Традиционално, две децении, го организираме и Аматерскиот хуманитарен велеслалом Маврово. Оваа година ќе го организираме од 4 до 6 март, кога компаниите имаат можност да ги пријават своите скијачи и на тој начин да ја покажат својата хумана страна. Секако, „Ресорт Маврово“ не ги завршува своите настани тука и треба да очекувате многу изненадувања. Ги очекуваме граѓаните да уживаат во планината, во скијањето, во хотелските услуги и во релаксирањето на Маврово – посочува Циговски.
Слично искуство имаат и хотелите или сместувачките капацитети и во помалите ски-центри во Македонија, како Пониква и Крушево, чии претставници потенцираат дека ги радува зголемената посетеност, но апелираат да се најдат модели за да има гости низ целата година. Претставниците на мотел во Пониква потенцираат дека оваа година, за разлика од претходните, благодарение на снегот и ниските температури, имаат зголемен број посетители во сместувачките капацитети, додека претходните години поголем дел туристи претежно оделе на еден ден и повеќе ги користеле ресторанските услуги.
– Секоја година, па и оваа, во јануари имаме голема посетеност. Она што е различно овој јануари е поголемата, речиси целосна искористеност на собите, имаме поголем број гости што резервираат сместување на неколку дена, додека претходните години имавме повеќе туристи на еден ден, со искористување на ресторанот. Генерално, јануари и февруари имаме гости, па очекуваме и годинава во февруари да продолжи истиот тренд како досега. Но во март, април и мај посетеноста е многу послаба, речиси немаме туристи. Во летните месеци повторно заживува Пониква, од јуни до септември посетеноста е солидна, но потоа повторно се испразнува – вели претставник на мотелот „Изгрев Пониква“.
Тој додава дека за развој на овој туристички центар е неопходно сите чинители да учествуваат и да придонесуваат за негово збогатување, со што би се привлекле повеќе туристи.

– Најпрво неопходно е подобрување на инфраструктурата. Полесна достапност, повеќе гости. Но потребни се и повеќе содржини за туристите, содржини што ќе привлекуваат гости и во пролетните или есенските месеци. За да го постигнеме тоа, треба да работат сите што на некој начин се поврзани или инволвирани во туристичката дејност. Иако во скијачкиот центар е инвестирано во топови за вештачки снег, тие не работат секоја година, бидејќи се потребни предуслови, кои претходните години ги немаше поради високите температури. Но затоа мора сите заедно да осмислуваме содржини што ќе ги примамат гостите. Пониква е единствен зимски центар во Источна Македонија и има голем потенцијал, но треба сите да работиме за да создадеме привлечна дестинација – додава нашиот соговорник.
Тој потенцира дека работењето или посетеноста само во одредени месеци од година е проблематично за туристичко-угостителската дејност, бидејќи се создаваат проблеми во снабдувањето, но и проблеми за зачувување на работниците, што може да се одрази и врз услугата што ја нудат.
Сличен став имаат и претставниците на приватните капацитети за сместување од Крушево, од каде што велат дека од година на година посетеноста е сѐ поголема. Тие посочуваат дека секојдневно се бараат слободни кревети и дека има голем интерес и за февруари.

– Традиционално, во јануари и февруари сместувачките капацитети се целосно исполнети. И оваа година е така, па дури и недостигаат сместувачки капацитети. Сѐ е пополнето овој месец, што веројатно се должи и на продолжениот училиштен распуст. Но, исто така, имаме и голем интерес и резервации за февруари. Крушево е обично полно и во летните месеци, кога имаме и доста странски гости, но и многу активности и содржини поврзани со алтернативните спортови. Недостига да се осмислат содржини што ќе привлечат посетители во пролетните и есенските месеци, кога имаме затишје. За да бидат одржливи бизнисите, мора да наоѓаме начини за повеќе гости низ целата година – вели сопственичка на приватно сместување од Крушево.