Според партиската програма на победничката партија, Македонија ќе има ниски даноци за граѓаните и за фирмите, но се најавуваат и ефективни мерки за зајакнување на борбата против сивата економија и против кривичните дела што ја оштетуваат државната каса Интересна е „мерката за даночно ослободување“ доколку некоја компанија преземе вработен од јавната администрација. Даночните експерти со кои се консултиравме оценуваат дека таа претставува јасен сигнал за справување со превработеноста на јавната администрација!
Конспект за делот од програмата на победничката партија на изборите во врска со планираните даночни политики
Според Програмата на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија ќе биде меѓу земјите со најниски даноци за фирмите и за граѓаните, со тоа што ќе задржат актуелниот даночен систем за рамен данок и нема да се зголемуваат ниту данокот на личен доход ниту данокот на добивка, кои изнесуваат 10 проценти. Наедно, според програмата, се предвидува да се зајакне борбата против сивата економија и против кривичните дела што го оштетуваат државниот буџет.
Реформи, реформи…
Според програмата, која треба да биде основен документ по кој ќе работи новата влада, даночно ослободување кај данок на личен доход ќе има за нововработени млади лица до 29 години, со цел задржување на младите во економијата; даночни олеснувања во рамките на данокот на личен доход за фриленсери; подигнување на прагот за регистрација на ДДВ од два на три милиони денари за консолидиран промет на сопственички поврзани обврзници; целосен поврат на данок на личен доход за секоја вработена жена со новороденче; данокот на добивка останува со стапка од 10 отсто; реинвестираната добивка и натаму нема да се оданочува; за привлекување мултинационални компании што имаат висока нето-добивка над 50 милиони евра, ефективната стапка на данокот на добивка ќе биде 5 отсто; враќање на даночните поволности на фирмите (признаен расход) за уплатените премии за доброволно животно осигурување со цел задржување и мотивација на вработените.
Какви ефекти се проектирани?
Какви се проектираните ефекти на новата даночна политика што ја најави ВМРО-ДПМНЕ и кои се првичните оцени за најавените чекори?
Поранешниот министер за финансии Трајко Славески вели дека рамниот данок што го воведе ВМРО-ДПМНЕ во 2007 година се покажал како добро решение во практика.
– Некои од ослободувањата и сега функционираат, како што е неоданочување на реинвестирана добивка, даночно ослободување за млади до 29 години во одреден период. Повратот на личен доход за новороденче е една демографска мерка. Во однос на оданочувањето со 5 проценти наместо со 10 проценти на добивката на мултинационални компании што имаат добивка над 50 милиони евра, ние и онака сега немаме приходи од такви мултинационални компании, па се очекува да бидат привлечени од една таква мерка. Сега не може да се процени фискалниот ефект, тоа е нешто што се очекува – вели Славески и оценува дека во наредниот период ќе има одржлива даночна политика во однос на полнењето на буџетската каса.
Даночни ослободувања за приватни компании што ќе преземат вработени од јавната администрација
Според Борче Смилевски, експерт во областа на даночната политика, програмата е насочена кон повеќе стратегиски цели, а има и конкретни мерки.
– Кај директните даноци, генерално се задржува веќе постојната политика на рамен данок. Во поглед на консолидирање и зацврстувањето на системот и како тој да овозможи зголемена даночна основа, а со тоа и зголемени даночни приходи, се споменува бескомпромисната борбата со сивата економија. Постојат низа зафати и конкретни мерки како ќе се реализира таа, а претпоставувам дека тоа ќе остане задача на даночната администрација – вели Смилевски.
Интересна е „мерката за даночно ослободување“ доколку некоја компанија преземе вработен од јавната администрација. Даночните експерти оценуваат дека таа претставува јасен сигнал за справување со превработеноста на јавната администрација!
Даночниот експерт Павле Гацов вели дека треба да се почека да се стипулираат предлозите за даночните реформи од партиската во владината програма и потоа да се видат ефектите.
– Кога ќе го видат ефектот од прибирањето на приходите и од трошењето на парите од буџетот, ако не се пуштат во костец со сивата економија, тешко ќе се спроведе ефективна даночна политика без нови задолжувања, а мислам дека и ВМРО-ДПМНЕ не го сака тоа. Навистина бомбастична најава беше дека ќе се задолжиме со една милијарда евра. Сите би сакале голем ефект од тоа, но треба да се биде внимателен. Имено, сакам тој потег да нема голема политичка цена, а во најмала рака економската камата, кога ќе стигне како реалност, да биде онака како што е најавена, ниска и прифатлива. За да се исполни тоа што го пишува во програмата, треба да постои вистински пристап, односно да се обезбедат пари од таму каде што не се зафаќало – вели Гацов. К.М.