Додека ја очекуваат одлуката на надлежните за новата цена на парното, граѓаните во недоумица какво греење да одберат за наредната сезона / Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во калкулациите доставени до РКЕ, „ЕСМ дистрибуција“ бара зголемување за 50 отсто, „ЕСМ снабдување“ за 54,2 отсто, а „ЕСМ производство“ бара намалување за 29,42 отсто. До РКЕ доставиле барања и „ЕСМ енергетика“ и топланата „Скопје Север“, со кои, исто така, управува државната ЕСМ. Конечната цена ќе зависи и од тоа колку „регулаторите“ ќе им ги признаат зголемените дистрибутивни трошоци за испорака на топлинската енергија до граѓаните, но секако крајната цена најмногу ќе зависи од проекциите за цената на природниот гас во европските земји

Сѐ уште се прават калкулации за августовските сметки за парно

До крајот на следната недела, Регулаторната комисија за енергетика ќе излезе со предлогот за новата цена за парното греење за корисниците во Скопје, која ќе се применува од 1 август годинава. Во наредните денови од Регулаторната комисија ќе бидат разгледани достасаните пресметки од стопанските субјекти што учествуваат во прометот со топлинска енергија. Факт е дека во достасаните пресметки до Регулаторната комисија се прикажани и повисоки трошоци за работење во изминатиот период од страна на стопанските субјекти што учествуваат во прометот со топлинска енергија.

Кој стопански субјект, колку бара покачување на цената на топлинската енергија

Во калкулациите доставени до РКЕ, „ЕСМ дистрибуција“ бара зголемување за 50 отсто, „ЕСМ снабдување“ за 54,2 отсто, а „ЕСМ производство“ бара намалување за 29,42 отсто. До РКЕ доставиле барања и „ЕСМ енергетика“ и топланата „Скопје Север“, со кои, исто така, управува државната ЕСМ. Конечната цена ќе зависи од тоа колку „регулаторите“ ќе им ги признаат зголемените дистрибутивни трошоци за испорака на топлинската енергија до граѓаните. Но според досегашното однесување на РКЕ, што се покажа и во случајот со последното зголемување на цената на електричната енергија, најверојатно нема да им бидат целосно исполнети барањата на компаниите, а доколку би биле прифатени во целост, парното за скопјани треба да биде поскапо за педесетина проценти!
По реакцијата на граѓаните, кои стравуваат од зголемени августовски сметки за парно, од АД ЕСМ беше испратено дополнително објаснување дека „зголемувањето на трошоците на дејноста не мора да значи и зголемување на крајната цена на парното“.
– Компаниите што ја вршат дејноста производство, дистрибуција и снабдување поднеле барање за признавање на трошоците од работењето на друштвата до Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. А врз основа на тие податоци и одобрените трошоци за вршење на дејноста, РКЕ ги утврдува тарифните ставови според кои се фактурира испорачаната топлинска енергија кон крајните потрошувачи во следниот период – изјавија од ЕСМ.
Од оваа компанија за наредната грејна сезона ветија дека нема да дозволат да има прекини во снабдувањето со топлинската енергија.

Цената на природниот гас одлучувачки фактор

Од Регулаторната комисија за енергетика велат дека крајните цени ќе се добијат по анализата на пријавените трошоци. Според нив, крајната цена најмногу ќе зависи од проекциите за цената на природниот гас во европските земји. Поволна околност е тоа што „ЕСМ производство“ поднело барање за намалување на произведената топлинска енергија за триесетина проценти, што остава доволно простор за балансирање со другите повисоки ставки за дистрибуција. ДДВ-то за топлинска енергија останува пет отсто и засега нема најава дека ќе се менува.
– Крајните цени ќе се добијат по анализата на пријавените трошоци. Ќе се земат сите фактори што учествуваат во производството и дистрибуцијата на топлинска енергија и најмногу ќе зависат од проекциите за цената на природниот гас – ни изјави Марко Бислимовски, претседател на РКЕ.
АД ЕСМ менџираше со изминатата грејна сезона откако „Балкан енерџи груп“ се изјасни дека финансиски не е способнен да произведува и да дистрибуира топлина за над 60 илјади корисници, поради драстичното зголемување на цената на природниот гас на светските берзи. Во минатогодишната енергетска криза Владата им ги одзеде лиценците за работа и им ги додели на трите новоформирани фирми на државните електроцентрали. Пред да се откаже од снабдувањето со топлина, приватната компанија „Балкан енерџи груп“ должеше 50 милиони денари по основа на договорот за деловно-техничка соработка. Долгот сега е целосно намирен.
Во меѓувреме ЕСМ нуди бесплатно приклучување на системот за парно греење на сите домаќинства што некогаш решиле да се откажат од овој начин на греење во зимските месеци од годината. Повторно се вратени 144, а нови има околу 1.640 потрошувачи. Акцијата ќе трае до крајот на август годинава, а од 1 септември приклучувањето на системот за топлинска енергија ќе се наплаќа во согласност со важечкиот ценовник. М.Ј.