Доколку се спореди просекот на платите во европските земји или, еве, во регионот со оној кај нас и потоа се споредат цените на производите, излегува дека граѓаните во Македонија добиваат помалку пари, но плаќаат исто или поскапо отколку во земјите во Европа или во нашето балканско опкружување
Стандардот на граѓаните во Македонија во расчекор со реалните економски трендови
Македонските граѓани на почетокот од неделава се соочија со нов бран поскапувања на прехранбените производи и на горивата. На списокот на производи со нови цени се најдоа некои од млечните производи, кои поскапеа вторпат само за една недела. Сирењето и кашкавалот се продаваат за 30 денари поскапо, но има најави дека наредните денови ќе поскапат за дополнителни 15-20 денари. Кашкавалот достигна цена до 900 денари, а еден килограм сирење чини над 500 денари. Од понеделникот има и повисоки цени за горивата, поради постојаниот раст на цените на суровата нафта на светските берзи. Малопродажната цена на еуросупер БС-95 достигна 86,50 денари за литар, за еуросупер БС-98 цената е 88,50 денари за литар, а дизелот се продава по цена од 81 денар за литар. Повисоки цени од овој месец има и кај месните преработки.
Производителите од месната и млечната индустрија најавуваат дека растот на цените ќе продолжи и во наредниот месец. Од претставниците на македонската влада даваат оптимистички изјави дека со макроекономските мерки и монетарната политика се остваруваат очекуваните резултати за подобрување на животот на граѓаните преку забавување на инфлацијата на месечно ниво и номиналното зголемување на просечната плата. Како аргумент се истакнува и податокот дека македонските граѓани плаќаат најниска цена за горивата во земјите од регионот. Од друга страна, мнозинството граѓани и економските експерти во земјава велат дека македонските граѓани не можат да се борат со сѐ повисоките цени. Доколку сегашните цени на храната и на горивата во земјава се споредат и со висината на просечните плати во земјите од регионот, се доаѓа до констатацијата дека кај македонските граѓани практично постои тенденција да стануваат и посиромашни.
– Ако Македонија во нешто се доближи најблиску до другите земји во регионот, тоа е според цените. Сведоци сме и самите дека цените на некои производи во домашните маркети се повисоки од цените во текот на туристичката сезона што ги гледавме во маркетите и на пазарите во соседните земји. Потребна е нова стратегија, која ќе доведе до поголема продуктивност кај домашната економија – изјави професорот Зоран Ивановски.
Доколку се спореди минималната плата во европските земји со онаа кај нас и потоа се споредат цените на производите, излегува дека граѓаните во Македонија добиваат помалку пари, но плаќаат исто или поскапо отколку во европските земји. Пример за тоа е споредбата на малопродажните цени на горивата. Со цена од 94,5 денари за бензин од 95 октани, Црна Гора има водечка позиција во регионот, додека за дизелот е потребно да се издвојат 90 денари (1,54 евро) за литар. Во Србија цената на дизелот е највисока и изнесува 99,5 денари за литар. Цената на бензините во оваа земја изнесува 93 денари за литар. Владата на Хрватска ја утврди највисоката малопродажна цена од 89,5 денари (1,54 евро) за литар бензин, а за дизел 88 денари (1,51 евро). Во Албанија цената на дизелот за литар е 88 денари (1,51 евро), додека бензинот од 95 октани чини 90 денари (1,54 евро).
Но, кога цените на горивата ќе се споредат со просечната плата се добива поинаква социјална слика за граѓаните од земјите во регионот. Имено, во мај просечната плата во Босна и Херцеговина изнесувала 640 евра. Во Црна Гора во истиот месец биле исплатени просечно по 793 евра. Просечната плата во Србија во мај 2023 година изнесувала 735 евра, а просечната плата во Хрватска во 2023 година за истиот месец била 1.133 евра. Највисока просечна плата исплатена во земјите од поранешна СФРЈ годинава имала Словенија, околу 1.500 евра. Просечната исплатена месечна плата во Македонија во мај изнесувала околу 590 евра.
Порастот на цените во Македонија се одрази и на висината на потрошувачката кошничка. Има различни пристапи на пакетот „потрошувачка кошница“, но сепак сите тие водат кон еден ист заклучок. Еве и еден сликовит пример на Сојузот на синдикати на Македонија. Во јули годинава на едно четиричлено семејство му биле неопходни 48.620 денари за задоволување на минималната синдикална кошница, покажуваат пресметките на Сојузот на синдикати на Македонија. Од нив, 20.004 денари или 44,6 отсто биле неопходни за исхрана и пијалаци, 13.664 денари односно 30,46 отсто за домување, 3,247 денари или 7,24 отсто за хигиена, 3,720 денари или 8,29 отсто за превоз, 2.327 денари за облека и обувки, 1.068 денари за култура и 822 денари за одржување на здравјето. Вкупно за сите потреби биле потребни 44.853 денари, а кога на тоа ќе се додадат и трошоците на животот, 3.768 денари или поточно инфлацијата од 8,4 отсто, се доаѓа до сумата од 48.620 денари.
– Иако од месец на месец инфлацијата се намалува и за јули изнесува 8,4 отсто, сепак минималната кошница е зголемена од претходниот месец (јуни) за 441 денар. Тоа зголемување го трпат работниците и граѓаните во оваа држава, а најголемо зголемување има во домувањето односно комуналните трошоци, за 2,4 отсто, и кај исхраната и пијалаците за еден отсто – велат од ССМ.
Во септември голем број други производи ќе имаат повисоки цени, бидејќи со законските измени двојно ќе се зголеми ДДВ за одредени производи, од 5 на 10 проценти. Порастот на цените на храната доаѓа откако завршија мерките за ограничување на маржите и данокот.
М.Ј.