Фото: Игор Бансколиев

Поголемиот дел случаи на заболување се однесуваат на луѓе што се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работниците во кланици и ветеринарите. Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, секрети, органи или други телесни течности на заболените лица

Трите случаи на заразени со конго-кримска хеморагична треска го вклучија алармот

Македонската јавност со доза на загриженост ги следи последните случаи со ширењето на конго-кримската хеморагична треска (ККХТ), откако во земјава беше регистриран и третиот случај на заразено лице со овој опасен вирус.
Вирусот предизвикува сериозни епидемии на вирусна хеморагична треска, а епидемиите имаат стапка на смртност од 40 отсто. Вирусот врз луѓето се пренесува од заразени крлежи и добиток, а пренос од човек на човек може да се случи доколку дојде до контакт со крвта, секретот, органите или другите телесни течности на човек што веќе е инфициран.
Конго-кримската хеморагична треска е ендемична во Африка, на Балканот, Блискиот Исток и Азија, како и во земјите што се наоѓаат јужно од 50-та паралела на север. Во моментот нема вакцина за овој вирус.

Kако се пренесува

Вирусот на ККХТ се пренесува на луѓето по каснување од крлеж или преку контакт со заразена крв или животински ткива за време и непосредно по колењето на животните. Поголемиот дел случаи на заболување се однесуваат на луѓе што се вклучени во работа со добиток, како што се земјоделските работници, работниците во кланици и ветеринарите.
Преносот од човек на човек може да се случи како резултат на близок контакт со крв, секрети, органи или други телесни течности на заболените лица.

Знаци и симптоми

Должината на периодот од заразување до појавата на симптомите зависи од начинот на стекнување на вирусот. По инфекцијата со каснување од крлеж, периодот обично е од еден до три дена, со максимум од девет дена. Периодот по контакт со заразена крв или ткива е обично од пет до шест дена, со документирани максимум 13 дена.
Почетокот на болеста е ненадеен, со главоболка, висока температура, болки во грбот, болки во зглобовите, болки во стомакот и повраќање. Црвени очи, зацрвенето лице, црвено грло, и црвени дамки на непцето се исто така присутни. Може да се јави и жолтица, а во потешки случаи и промени во расположението. Како што напредува болеста, на телото на заболениот се јавуваат големи делови со модринки, како и крвавење од носот. Закрепнувањето е бавно.

Прва ваква епидемија во Македонија е регистрирана во 1971 година

Првата опишана епидемија од ова заболување во Република Македонија е во 1971 година, при што заболеле 13 лица, со два смртни исхода во едно семејство во с. Чифлик, Тетово. По оваа епидемија, лабораториски е потврден еден случај во 2010 година. Со оглед на тоа што постојат услови за природни жаришта и на други подрачја во нашата земја, ова заболување претставува потенцијална опасност. Од соседните земји, болеста е ендемична во Косово, а регистрирани се повремени случаи и во неколку други европски земји.

Надлежните тврдат дека нема место за паника

Надлежните смируваат и велат дека нема простор за паника и дека треба да се дејствува превентивно за да се спречи појава на нови заразени.
– Нема место за паника, апсолутно ниту е потребна ниту е продуктивна на некој начин – изјави претседателот на Комисијата за заразни болести, Александар Петличковски, по состанокот инициран од министерот за здравство Фатмир Меџити, на кој освен членовите од Комисијата за заразни болести присуствуваа и претставници од Агенцијата за храна и ветеринарство, претставници од Факултетот за ветерина и од центрите за јавно здравје од Штип и од Велес.
Според него, оваа болест не се пренесува лесно, а пренесувањето е исклучиво по пат на каснување од крлеж што е заразен со вирусот.
– Крлежи има особено во летните месеци, а затоплувањето на глобално ниво исто така придонесува за нивна поинтензивна активност. Меѓутоа, не е секој крлеж заразен со некој вирус. Така што, не им се забранува на луѓето да одат на отворени површини, но кога ќе излегуваат треба да имаат предвид и да бидат заштитени – нагласи Петличковски.
Тој уште појаснува дека риболовците, ловџиите и сточарите се најмногу изложени на оваа опасност, како и здравствените работници поради контактот со телесните секрети од заразените.
– Смртноста од овој вирус е навистина голема, дури 40 отсто од заболените може да завршат со фатални последици, но начинот на трансмисија на болеста односно на заразување е многу потежок, така што нема простор да говориме дека ќе имаме огромен број инфицирани со конго-кримска хеморагична треска и дека евентуално може да се случи да имаме епидемија на овој вирус во Македонија. Како што веќе е кажано во јавноста, вирусот го пренесуваат исклучиво заразени крлежи. Тие се векторот. А тие, пак, се заразуваат од животните, од стоката, затоа сега во сето ова се вклучени и другите здравствени институции, значи ветеринарите и Агенцијата за храна и ветеринарство. Освен тоа, вирусот на конго-кримска хеморагична треска е актуелен во летниот период, кога има присуство на голем број крлежи. Во зима тие паразити не се активни, поради што и не постојат случаи на заразени пациенти- вели епидемиологот Александар Стојанов.
Според него, би имале многу поголем број на заразени и опасноста би била многу поголема ако вирусот се пренесува преку капки и преку воздух, како што беше случајот со коронавирусот, кој беше присутен во текот на целата година.

Нема лек и нема вакцина

Инаку, не постои специфичен лек за конго-кримската хеморагична треска. Антивирусниот лек рибавирин се користи во терапијата, а сега овој лек го прима и заразената болничарка. Исто така повеќе научни студии покажуваат дека некои орални и интравенски формулации се покажале како ефикасни.
Во моментов не постои широкодостапна безбедна и ефикасна вакцина за човечка употреба. Во отсуство на вакцина, единствениот начин да се намали човечката инфекција е да се издигне свеста за факторите на ризик и да се едуцираат луѓето за чекорите што можат да ги преземат за да се намали изложеноста на вирусот.

С.Т.


Совети за заштита

Советите за јавно здравје треба да се фокусираат на неколку аспекти. Најважно е намалувањето на ризикот за пренос од крлеж на човек, а притоа се даваат следните препораки:
l Носете заштитна облека (долги ракави, долги панталони).
l Носете облека со светла боја за да овозможите лесно откривање на крлежите на облеката.
l Користете одобрени акарициди (хемикалии наменети за убивање крлежи) на облеката.
l Користете одобрени препарати за заштита на кожата и облеката.
l Редовно испитувајте ги облеката и кожата за крлежи; ако најдете, отстранете ги безбедно.
l Обидете се да ги елиминирате или контролирате наездите од крлежи на животни или во штали и амбари.
l Избегнувајте ги области каде што има крлежи во изобилство и годишните времиња кога се најактивни.

Намалување на ризикот за пренос од животно на човек:
l Носете ракавици и друга заштитна облека додека ракувате со животни или нивни ткива во ендемични области, особено за време на постапките на колење, касапење и убивање во кланици или дома.
l Ставете ги животните во карантин пред да влезат во кланици или редовно третирајте ги животните со пестициди две недели пред колењето.

Намалување на ризикот за пренос од човек на човек во заедницата:
l Избегнувајте близок физички контакт со лица инфицирани со вирусот.
l Носете ракавици и заштитна опрема кога се грижите за болни луѓе.
l Редовно мијте ги рацете по нега или посета на болни луѓе.