Главен фактор за раст на цените на недвижностите е соодносот на понудата и побарувачката, бидејќи во услови на криза недвижностите сѐ уште се најсигурната инвестиција што доведува до зголемено побарување и, секако, раст на цените…
Во услови на криза, недвижностите сѐ уште најсигурна инвестиција
Цените на становите континуирано растат во последните години и динамика на ваков тренд не е регистрирана уште од 2009 година. Но и покрај поскапувањето, побарувачката на недвижности постојано се зголемува. Во однос на периодот пред пандемијата, денес цените на становите се зголемени за 30 отсто!
Извори од секторот градежништво, како и од агенциите за недвижности со кои се консултиравме велат дека се распродавале и цели згради уште во текот на градбата. Економистите го поврзуваат ова и со страв од чување пари во несигурни времиња, како и со страв да не девалвира денарот, што е предизвикано од постојано шпекулирање на таа тема. Притисокот на страната на понудата дозволи раст на цените, па Народната банка го евидентира скокот од дури 12,4 отсто за само една година (првиот кавартал од 2022 година споредено со првиот квартал од 2021 година).
Според сопственикот на агенцијата за недвижности „Левел 7“, Игор Панчевски, највисоката цена на станови по градови во Македонија е во Скопје, околу 1.600 евра за квадратен метар, во Охрид до 1.300 евра, потоа во Куманово цената достигнала и до 1.100 евра, во Битола до 1.000 евра квадратен метар, во Дојран до 1.000 евра квадратен метар.
– Во периодот од пред пандемијата до денес имаме голема разлика во цените на недвижностите, при што е забележан раст на становите од околу 30 отсто. Во другите градови низ Македонија е забележан раст на цените на недвижностите, но сепак во помало темпо за разлика од Скопје, каде што сѐ уште имаме и најголем интерес за инвестирање во недвижности. Постојат повеќе фактори за растот на цените на недвижностите, пред сѐ од глобален карактер, како што се политичко-економската состојба и растот на цените на енергентите и градежните материјали, кои во најголема мера влијаат на цените на недвижностите, како и локалните фактори, особено соодносот на понудата и побарувачката бидејќи во услови на криза недвижностите сѐ уште се најсигурната инвестиција што доведува до зголемено побарување и, секако, раст на цените – истакнува Панчевски.
Тој напоменува дека причината за огромната побарувачка на станови на населението покрај растот на цената е што граѓаните сметаат дека во услови на криза најсигурно е да ги вложат своите средства во недвижности, особено во станбен простор.
– Сепак, доколку зборуваме за пазарот на недвижности во Скопје, можеме да констатираме дека во моментов понудата не може да ја следи побарувачката за инвестирање во недвижен имот, особено ова се однесува на станбениот простор – додава Панчевски.
Во однос на тоа дали се очекува сѐ поголем раст на цените на становите и во иднина, сопственикот на агенцијата смета дека веќе го достигнавме максимумот на растот на цените и во наредниот период се очекува стабилизација на цените, кои ќе останат на сегашното ниво со можност за минимално зголемување, кое ќе биде условено од цените на енергентите и градежните материјали.
Во однос на цените, градежникот Никола Велковски посочи дека цената на репроматеријалите секако дека влијае на крајната цена на градежниот квадрат, но остатокот го прават условите на пазарот што ги диктираат градежните трговци и сопствениците на градежните парцели.
– Цените на становите неминовно растеа поради големиот раст на влезните трошоци, но некаде цените за квадратен метар достигнуваат и од 1.800 евра или од 2.000 евра, а тоа се нереални суми, повисоки цени од потребното. Но за тоа има повеќе причини. Од една страна, луѓето се исплашија од трендот на намалување на вредноста на нивните пари, па решија што повеќе да вложуваат во недвижности, со што се зголеми побарувачката на станови, а во прилог на тоа одат и ниските каматни стапки во банките – укажува Велковски.
Од Групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Северна Македонија велат дека сегашниот тренд на неверојатно висока побарувачка на станови, веројатно, не бил вцртан ни во најоптимистичките проекции на градежните компании.
– Станбените квадрати во Центар, Карпош и во Аеродром остануваат највисоко на листата на желби на македонските граѓани, но голем интерес за недвижности од овој тип е регистриран и во другите скопски општини. Една од причините за зголемениот интерес за вложување во недвижности е инфлацијата. Во вакви времиња се покажува дека вложувањето во недвижност е сигурна инвестиција за заштита на капиталот – нагласуваат од групацијата.
Оттаму истакнуваат дека поради раст на побарувачката има пораст на цените и дека има голема понуда, но, сепак, е ограничена на деловите што се пазарно најинтересни за купувачите, што е главна причина за пораст на пазарните цени на недвижностите, но, пред сѐ, на недвижностите со станбена намена.