Фото: Принткрин МИА

Во овој момент, нагласи, кога се соочуваме со ваква криза, нашите граѓани треба да бидат спокојни затоа што храна има за сите, а ние ќе контролираме согласно антикризните мерки

Државата ги презеде сите механизми што ги има в раце за спроведување на антикризните мерки, посочи вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи при денешната посета на Битола и нагласи дека во овој период е важна општествената одговорност на сите и без исклучок.

– Државата ги презеде сите механизми што ги има в раце за спроведување на антикризните мерки. Инспекциските служби се обидуваат секаде да бидат каде што е тоа потребно. За жал на другата страна не секогаш има општествено одговорни претпријатија кои што општествено одговорно ќе се однесуваат, а тоа значи дали имаат залихи, а не ги пуштаат во оптек одредени производи. Тешко дека ќе можеме секаде да стасаме, но таму каде што имаме информација за одредени случаи, тогаш инспекциските служби соодветно реагираат-изјави Битиќи.

Во овој момент, нагласи, кога се соочуваме со ваква криза, нашите граѓани треба да бидат спокојни затоа што храна има за сите, а ние ќе контролираме согласно антикризните мерки.

– За жал оваа криза покажа дека како јавност треба да се освестиме и да произведуваме храна. Да бидеш сточар не е неблагодарна професија, туку напротив продуктите од сточарството се битни за сите и исто така да бидеш производител на пченка или пченица е благодарна работа и затоа за развојот на земјоделството треба долгорочно да се планира-посочи вицепремиерот Битиќи.

На новинарско прашање поврзано со преговорите со СОНК кои вечерва продолжуваат, Битиќи кусо одговори дека од разговорите со СОНК очекува договор.