Фото: МИА

Нема промена на цената на парното од 1 јануари ако има доволно гас за ТЕ-ТО, за компанијата да даде поевтина електрична енергија за топланите, и ако се држиме до плановите за производство на струја, истакна претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски, во вечерашното гостување во емисијата „Топ тема“ на телевизија „Телма“, нагласувајќи дека нè очекува исклучително тешка зима.

– Свесен сум дека граѓаните се наоѓаат во неизвесност, но да се надеваме дека цените ќе бидат стабилни – порача Бислимоски и напомена дека треба да бидеме подготвени за секое сценарио.

Според претседателот на РКЕ, има и многу оптимизам дека сè ќе биде во ред, иако се наоѓаме пред период во кој сè уште има многу непознати.