Рударите се наш бесценет човечки ресурс. Од друга страна рударството е основна гранка за индустриски развој на државата, а следејќи ги актуелните случувања во светот, оваа индустрија ќе стане основен фактор за опстанок и развој. Сите наши граѓани, целата јавност треба да знаат дека токму тие рудари, токму тие вработени во ЕСМ ја преминаа претходната зима и прават големи напори, набавувајќи нова механизација да се намалат трошоците на производство на електрична енергија, а и да ги задоволуваат потребите на нашите потрошувачи во Македонија, било во
домаќинствата, било во малите компании, изјави министерот за економија Крешник Бектеши на денот на рударите во РЕК „Битола“.

Тој ги поздрави напорите за подобрување на условите во кои работат рударите.

– Тоа е стварно херојска работа, која се прави од страна на рударите, на ЕСМ, херојска работа затоа што со големи напори, со голем труд го зголемуваат производството, во услови каде што во другите рудници не работат. Затоа го охрабрувам раководството на ЕСМ да се подобрат во континуитет условите на рударите, а токму тоа го прави раководството на ЕСМ на чело со директорот Васко Ковачевски, кое набавува нова механизација, ги подобрува условите не само за транспорт и условите за работа, директно во рудникот – истакна Бектеши.

Првиот човек на ЕСМ, Васко Ковачевски честитајќи го денот на рударите пак повика на општа мобилизација пред претстојната зимска сезона, за поголемо производство и максимално штедење на струјата.

– Јагленот е основата на производството на електрична енергија на АД ЕСМ и значењето на рударите за нашиот систем дојде до целосен израз во условите на енергетската криза, кога се води засилен процес што повеќе јаглен да се ископа и истиот да се донесе до термоелектраните , каде што исто така вработените вложуваат максимални напори системот да работи со целосна снага и да се држи функционален. Изминатата грејна сезона покажа дека со силен ангажман на сите, почнувајки од вработените, раководителите, директорите, менаџментот, сите ние заедно, можеме да ги пребродиме сите кризи. Една грејна сезона е успешно зад нас. Но следува уште една, уште потешка и по сите предвидувања можеби најтешката зима во последните 70 години. Затоа мораме да работиме уште попосветено и уште посилно. Нашиот влог во оваа криза е влог за себе, но и влог за сите граѓани – истакна Ковачевски, кој упати
оптимистичка изјава дека нема да има рестрикции во Македонија, и покрај големата електро-енергетска криза. М.М.