Нѐ очекува многу тешка и непредвидлива зима на енергетски план, која не зависи само од нашата држава или од земјите од регионот, туку зависи од тоа како ќе се одвива ситуацијата со војната во Украина, посочи министерот за економија Крешник Бектеши на вчерашниот брифинг со медиумите, на кој информира за следните чекори и мерки што ќе бидат преземени, сѐ со цел ублажување на ценовните шокови за граѓаните.
– Рестрикции на електрична енергија не се очекуваат, дури и доколку имаме забрана за увоз на електрична енергија и гас во земјава. Во август повторно ќе побараме прогласување на кризна состојба во електроенергетскиот сектор, сѐ со цел да имаме можност преку дополнителни мерки да интервенираме во зголемување на производството на електрична енергија од домашни капацитети – нагласи Бектеши.
Тој истакна дека ќе ја имаме најтешката зима и дека ситуацијата е многу тешка, а зависи од тоа како ќе се одвива војната во Украина.
– Ние работиме на обезбедување на алтернативни начини за снабдување со енергенти, доколку имаме целосна забрана за увоз на гас за да може да работат и топланите и индустриските капацитети. Во делот на алтернативни извори во согласност со законот е предвидено и да може да се префрлат на друг енергент, односно на мазут – укажа Бектеши.
Во однос на снабдувањето со гас за претстојната грејна сезона, министерот кажа дека се прават напори да имаме алтернативни извори за снабдување, со оглед на тоа што Македонија е целосно зависна од руски гас.
– Доколку успееме во соработка со „Булгаргастранс“ да ослободиме дел од капацитетите од гасоводот што го имаме со Бугарија, кој е целосно закупен од „Гаспром“, тогаш ќе може во услови доколку Русија ни ги сопре испораките на гас, да се снабдуваме со гас од Азербејџан или Турција – нагласи Бектеши.
Министерот информира дека од страна на Европската банка за обнова и развој (ЕБРД) се обезбедени 100 милиони евра за ликвидноста на АД ЕСМ за да може во текот на годината да има средства да купува електрична енергија доколку има недостиг и да купува јаглен и мазут за домашните капацитети за производство на електрична енергија.
– Ќе се купува електрична енергија, но и јаглен и мазут. Планирано е да работат сите три блока во РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“, ТЕЦ „Неготино“, а во моментов треба да ги зачуваме хидроенергетските капацитети за да имаме електрична енергија за зимскиот период – појасни министерот.