ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА (ДЗР) СО КОНЕЧЕН ИЗВЕШТАЈ ЗА ИЗВРШЕНА РЕВИЗИЈА ВО ВРСКА СО СИСТЕМОТ ЗА ГАСИФИКАЦИЈА
И по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив не е ставен во употреба, но исто така отсуствува долгорочен план за развој на дистрибутивен систем на природен гас во државата, целосно самофинансирање на дејноста – пренос на природниот гас и реализацијата на идните активности за интерконекција со соседните држави, се наведува во соопштението на Државниот завод за ревизија (ДЗР).
Неповолното влијание што го предизвика енергетската криза во државата во 2021 и 2022 година врз граѓаните и стопанството влијаеше Државниот завод за ревизија да изврши ревизија на усогласеноста на темата „Развој на системот за гасификација во РС Македонија‘‘, во АД за вршење енергетска дејност пренос на природен гас „Номагас“ Скопје во државна сопственост, како правен следбеник на АД ГА-МА Скопје, и АД за вршење енергетски дејности „Национални енергетски ресурси во државна сопственост“.
Со ревизијата е опфатен периодот од 2019 година до септември 2023 година, но одредени области, прашања, настани и анализи се опфатени пред 2019 година и последователно до денот на известување за извршената ревизија.
Опфатени се и прашања поврзани со правната рамка и развојот на гасоводната мрежа и гасификацијата во државата, како и спојувањето на акционерските друштва за гасификација НЕР и ГА-МА и организациска поставеност на новото друштво – „Номагас“.
Отсуствува долгорочен план за развој на системот на пренос на природен гас, што има влијание на идните активности за проширување и надградба на системот за пренос на природен гас, како и неговата интерконекција со другите држави.
Нашата држава увезува природен гас кај Деве Баир, на границата со Бугарија. Со ревизијата е утврдено дека функционалниот гасовод во државата е изграден во деведесеттите години од минатиот век и се состои од еден магистрален гасовод, кој се наоѓа на источната граница во месноста Деве Баир и се протега преку Крива Паланка, Кратово и Куманово до Скопје, како и градските гасоводни мрежи во наведените градови. Должината на магистралниот гасовод е 98 километри, а заедно со неговите блок станици и приклучни места за разводни гасоводи изнесува речиси 130 километри. Вкупната должина на градските гасоводни мрежи, од каде што фабрики, правни субјекти, училишта, општини, ТИРЗ и други објекти се снабдуваат со природен гас, изнесува речиси 80 километри. Набавната вредност на функционалната гасоводна мрежа изнесува приближно 71 милион евра, од кои најголем дел или 49 отсто претставуваат вложување во магистрален и разводен гасовод Деве Баир-Скопје и 26 отсто отпаѓаат на изградбата на градската гасоводна мрежа во Скопје.
Во изминатиот период искористеноста на магистралниот гасовод е недоволна и по градовите во државата не постои формално воспоставена дистрибутивна мрежа. Потрошувачите се приклучени директно на преносната мрежа и природниот гас се користи единствено во индустријата и во јавните објекти, но не и во домаќинствата.
Со ревизијата утврдиле дека и по изминати 13 години, изградбата на магистралните гасоводи не е целосно завршена и дел од нив сѐ уште не е ставен во употреба. Е.Р.