Фото: Маја Јаневска-Илиева

Наша клучна детерминанта на растот е неефикасноста во сите домени од работењето, детерминирана од слабата функционалност на институциите, на системот, од проблемите во делот на владеењето на правото итн. Во голема мера, иако не ексклузивно, оваа ситуација е одредена од долгите години партизација на институциите и ставањето преголем акцент на етничката застапеност, наместо фокус врз вработувањата и напредувањата по заслуги, иновациите, претприемаштвото итн.

Анализа на „Блумберг адриЈа“: Забрзан раст на македонската економија, стабилизирање на инфлацијата, пониска невработеност, повисоки плати…

Забрзан раст на македонската економија, стабилизирање на инфлацијата, пониска невработеност и повисоки плати предвидува „Блумберг Адрија“ во најновата анализа. БДП годинава ќе достигне 2,4 отсто, бројки што се пооптимистички од декемвриските, а главен двигател ќе биде зголемениот извоз на германскиот пазар, како наш најголем трговски партнер и влезот на странските инвестиции, особено во втората половина годинава.
Според анализата, најголем ризик за македонската економија е укинувањето на ограничувањето на цените, бидејќи храната има најголемо учество во формирањето на просечната инфлација, во споредба со другите земји од регионот. Исто така, причина зошто инфлацијата нема значително да се спушти под нивото од 3 отсто во просек е поради солидната домашна потрошувачка, која ќе ги поддржи цените на услугите и ќе влијае на базичната инфлација. Но дали нашата држава може да го фати чекорот на европските земји со оглед на тоа што економскиот раст на Македонија се соочува со сериозни проблеми во текот на целиот период од изминативе три децении? Како да го забрзаме економскиот раст и да го подигнеме животниот стандард на граѓаните? Дали можеме да оствариме стапка на раст над 5 отсто на краток рок?
Универзитетскиот професор и академик Абдулменаф Беџети истакна дека многу релевантни меѓународни финансиски и економски институции предвидуваат стабилизација на инфлацијата на околу 2-2,5 отсто во 2024 година, посочувајќи дека ова е добра вест.

– Впрочем и кај нас проекцијата е за постепена стабилизација и 2024 година да ја завршиме со околу 3-3,5 отсто. За да постигнеме повисок просек од 3 отсто во иднина ни требаат многу реформи и зафати – од структурни до институционални. Ние можеме да бидеме оптимисти во предвидувањата, но нашата економска историја во овие три декади не дава таква надеж – вели Беџети.
Во однос на проекциите за намалување на невработеноста, тој додава дека подобро е да се следи движењето на вработеноста, бидејќи невработеноста се намалува и поради други, пред сѐ неекономски причини. На пример, како што вели тој, сѐ повеќе млади ја напуштаат земјата, но и активното работно население опаѓа, па нормално дека ќе паѓа и невработеноста.
– Оттука ни се потребни суштински промени, а не административни. Обезвреднет е трудот, поточно потценета е работливоста и сѐ повеќе расте алчноста. Овие се големи проблеми и тешко се решаваат, барем не брзо. Човековиот капитал е пресуден и со постоен образовен систем, тешко ќе имаме поголем раст од 3 отсто. Продуктивноста е ептен ниска и со овие трендови е илузија да го фатиме чекорот со европските земји. Растеа платите, ама не и продуктивноста и ова само по себе ги прави уште понеконкурентни нашите компании и економијата во целост. Најслабите резултати последните тримесечја ни се поради опадната надворешна побарувачка т.е. извозот, а доколку овој тренд продолжи само со пораст на плати без следење со продуктивноста уште полошо ќе биде со конкурентската способност на нашата економија – укажува Беџети.
И според универзитетскиот професор Марјан Петрески, на краток рок и во сегашниот контекст, стапки на раст повисоки од 3 до 4 отсто, особено на одржлива основа, се далеку од секаква реалност.
– Да немаме илузија во тој сегмент. Од среден до долг рок, повисоки стапки од тие, секако, се возможни, ако работиме за такви стапки почнувајќи од денес, со отпочнување или забрзување на сите клучни реформски процеси, вклучувајќи го и процесот на приближување кон ЕУ. На пример, во делот на инвестициите и физичкиот капитал, направен е прогрес во последниве години и ако ги гледате странските инвестиции. Тие меѓу другото донесоа и повисоки технологии и работна/менаџерска етика, но и домашните инвестиции, за кои можностите за принос, пристап до финансии и редица други услови значајно се подобрија. Човечкиот капитал стагнира или назадува, во голема мера детерминиран од масовното иселување во последните 10-15 години, но и од квалитетот што образовниот систем го нуди, особено во делот на фундаменталната писменост – основното образование – објаснува Петрески.
Сепак, тој останува на ставот, како што вели, дека наша клучна детерминанта на растот е неефикасноста во сите домени од работењето, детерминирана од слабата функционалност на институциите, на системот, од проблемите во делот на владеењето на правото итн.
– Во голема мера, иако не ексклузивно, оваа ситуација е одредена од долгите години партизација на институциите и ставањето преголем акцент на етничката застапеност, наместо фокус врз вработувањата и напредувањата по заслуги, иновациите, претприемаштвото итн. Лично би сакал да го чујам ставот на партиите во нивните програми за ова прашање кога зборуваат дека ќе постигнат раст од над 5 отсто – потенцира Петрески.