Фото: ЕПА

Нов приод во справувањето со инфлацијата во САД?

Банката на федералните резерви (ФЕД) соопшти дека ќе ја паузира својата долготрајна кампања за зголемување на каматните стапки, во исчекување на ефектите од досегашната политика. ФЕД исто така нагласи дека „во зависност од тоа како тие мерки ќе се одразат врз економијата ќе биде изготвена натамошната стратегија“!
Секако, притоа ФЕД остави простор во размислувањата дека се веројатни повеќе сценарија до крајот на оваа година, не исклучувајќи дополнителни зголемувања на каматните стапки.

Инфлацијата досега двојно поголема од проекцијата на ФЕД

Претставниците на ФЕД во периодот од март 2022 година до денес ја зголемија референтната каматна стапка на централната банка 10 пати по ред, во обид да се борат со инфлацијата, која сè уште е двојно поголема од проекцијата на ФЕД.
А економијата драстично трпеше застои.

Овој пат, гласањето за прескокнување на зголемувањето на стапката на последниот состанок беше едногласно. Официјалната изјавата по состанокот потврди дека официјалните лица сметаат дека паузата е внимателен потег, но притоа повеќето функционери сметаат дека се неопходни дополнителни зголемувања оваа година, според најновото резиме на економските проекции на ФЕД. Повеќето официјални лица проценуваат дека стапката на федералните фондови ќе достигне во опсег од 5,63 до 5,87 отсто во 2023 година, што сугерира дека ќе има барем уште едно зголемување на стапката оваа година, но најверојатно повеќе, во зависност од големината на секое покачување.

Идните движења на политиките зависат од тоа што покажуваат економските показатели во наредните недели и месеци, вклучувајќи го и еластичниот пазар на трудот. Растот на платите останува солиден, како и зголемувањето на платите, што врши одреден нагорен притисок врз цените. Врвните економисти тврдат дека сè уште тесниот пазар на трудот ќе се покаже како тврдоглав извор на инфлација, кој би требало да се ребалансира за да ѝ помогне на инфлацијата успешно да падне до целта на централната банка од 2 отсто. Повеќето претставници на Федералниот комитет за отворен пазар, кој ја утврдува монетарната политика, очекуваат стапката на невработеност да се зголеми на опсег од 4 до 4,1 отсто оваа година.

Официјалните лица, исто така, внимателно следат како се обликуваат условите за кредитирање, со оглед на одреден долг стрес во регионалниот банкарски сектор. Банките и досега оваа година ги заострија условите за кредитирање и се очекува тоа да продолжи. Тоа би им ја одзело можноста и на американските компании и на американските потрошувачи да пристапат до подобри кредитни линии за развој на стопанството и реалната економија, а исто така и на граѓаните за да го финансираат својот долгогодишен животен стил. Американците наскоро ќе го намалат купувањето на стоки бидејќи продолжува промената кон трошоците за услуги, велат економистите.
Се очекува индексот на цените на личните трошоци за потрошувачка да лебди малку над целта на централната банка од 2 отсто во 2024 година, но не целосно да достигне 2 отсто до 2025 година.

На Волстрит внимателно

Откако американската централна банка очекувано ги остави каматните стапки непроменети, следуваше очекувана реакција на Волстрит, каде што се тргуваше внимателно.

„Доу Џонс“ загуби 0,68 отсто, на 33.979 поени, додека „Ес енд пи 500“ зајакна 0,08 отсто, на 4.372 поени, а индексот „Насдак“ 0,39 отсто, на 13.626 поени. Очекувано, челниците на ФЕД ги задржаа, по дводневната седница, каматните стапки непроменети во опсег од 5 до 5,25 отсто.

По зголемувањето на каматните стапки за 10 седници по ред, ова е првпат ФЕД да ги остави каматните стапки непроменети. Сега, лидерите на централните банки ќе анализираат како претходните зголемувања на каматните стапки ќе се одразат на економијата и инфлацијата. Засега очигледен е тешкиот удар кон економијата и многу слабиот ефект во намалување на инфлацијата.

Прогнозите на првиот човек на централната банка покажуваат дека до крајот на годината очекуваат уште најмалку две зголемувања на каматните стапки, и тоа во опсег од 5,50 до 5,75 отсто. Ова е резултат на „некој очекуван економски раст и побавното од очекуваното слабеење на инфлацијата“.
– Многумина очекуваа дека ФЕД нема да ги зголеми каматните стапки на оваа седница, а исто така проценија дека воопшто нема да ги зголеми каматните стапки. Сепак, се чини дека лидерите на централните банки сега се уште поагресивни за каматните стапки отколку пред еден месец, што ги изненади инвеститорите – вели Сем Стовал, стратег во „ЦФРА рисрч“.

Покрај тоа што многумина очекуваа дека ФЕД на оваа седница ќе го прекине циклусот на покачување на каматните стапки, тие очекуваа и дека ќе почнат да ги намалуваат веќе на крајот на оваа година. Но засега се чини дека овие прогнози се премногу оптимистички. Впрочем, инфлаторните притисоци од месец на месец се намалуваат, но сепак се многу силни.

Благодарение на растот на цените на акциите на технолошките гиганти, подобрата од очекуваната корпоративна заработка и надежите на инвеститорите дека централната банка на САД се приближува кон крајот на затегнувањето на монетарната политика, „Ес енд пи 500“ порасна за повеќе од 20 отсто во однос на октомври, кога падна на најниско ниво во изминатата година.

И на европските берзи цените на акциите завчера пораснаа. Лондонски индекс ФТСЕ зајакна за 0,10 отсто, на 7.602 поени, додека франкфуртски ДАКС порасна за 0,49 отсто, на 16.310 поени, а париски Се-а-се 0,52 отсто, на 7.328 поени. Р.Н.М