Се надевам дека овој форум ќе биде потврда на досегашната квалитетна соработка, но и почеток на нова фаза на соработката помеѓу компаниите од двете земји, истакна претседателот Стево Пендаровски на денешното обраќање на Македонско-австрискиот економски форум „Зајакнување на деловните односи меѓу Македонија и Австрија“, додавајќи дека меѓу двете земји нема отворени прашања, туку само отворени можности.
Потсетувајќи дека наредната година се одбележуваат 30 години од воспоставувањето на дипломатските односи меѓу двете држави, во пресрет на тој значаен јубилеј претседателот Пендаровски повика да се искористи стекнатата доверба и да се продлабочи заедничката соработка.
– За Австрија да продолжи да биде број еден инвеститор во Северна Македонија, не само во наредните неколку години туку и во наредните децении, нужно е да отвориме нови перспективи во економската соработка – рече Пендаровски.
Австрискиот претседател, Александер Ван дер Белен, пак рече дека неговата посета донесе многу претставници од бизнис-заедницата во држава, но и генерално во регионот и оти сето тоа дава јасна порака.
– Пораката е дека австриските бизниси остануваат и сакаат да продолжат со проширувањето во сите други видови на предизвици. Постои голем интерес и голема волја за воспоставување на нови врски тука во Северна Македонија – подвлече Ван дер Белен.
Тој ги спомена и војната во Украина, глобалната енергетска и економска криза, климатската состојба, со коишто денешниот ден го оцени како меѓу најкризните периоди во човековата историја, и рече дека сите овие случувања ја потврдиле меѓусебната зависност на државите.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи спомна неколку стратешки поенти околу причините зошто земјава е атрактивна за бизниси.
– Северна Македонија е посветена на зелениот договор. Имаме многу сонце, имаме ветер. Ќе работиме на стратегии за складирање и балансирање на енергијата, а изгледите покажуваат дека достапноста на обновливата енергија брзо ќе расте – истакна Битиќи кој додаде дека со посветеноста кон ЕУ и определбата за НАТО, земјава нуди поголема стабилност од конкурентите.
Посочи дека новите закони во текот на сите овие години се работени во согласност со барањата на ЕУ, што исто така е гаранција во поглед на идните обврски за длабинска анализа на европскиот синџир на снабдување.