Фото: Архива

Нов текст на предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители е усвоен денеска на седница на Владата.

– Поради долгата собраниска процедура која го блокираше процесот за донесување на предлог-законот за Академијата за судии и јавни обвинители, Владата одлучи да го повлече Законот со цел во него да бидат вградени сите предложени амандмани кои се во интерес за подобрување на неговиот текст согласно европските вредности. Новиот текст на предлог-законот за Академија за судии и јавни обвинители беше повторно доставен во владина процедура и усвоен на денешната владина седница – информираше Министерството за правда.

Од владината прес-служба, пак, појаснија дека новото законско решение е усогласување со препораките од Оценската мисија за судска обука од 2018 година и со него, меѓу другото, се предлага реорганизација на приемен испит со цел подобро оспособување на кандидатите за успешно да учествуваат во обуката.

-Се предвидува намалување на роковите за поднесување и одлучување по приговори и жалби за резултатите од приемниот испит, редефинирање на начинот на полагање на завршниот испит врз основа на мерила и објективни критериуми за проценка на знаењата на кандидатите, зајакнување на начинот на спроведување на континуираната обука содржана како стратешка цел во Стратегијата за реформа на правосудниот сектор – стои во соопштението.

Законот за Академијата за обука на судии и јавни обвинители првпат е донесен во јануари 2006 година и досега е менуван неколку пати.

Од Владата посочуваат дека и со големиот број измени на постојниот закон, лоцирани се одредени слабости коишто претставуваат пречка за ефикасно функционирање на Академијата за судии и јавни обвинители.

– Поради оваа причина оценето е дека е неопходно да се пристапи кон изработка на нов текст на закон за да се избегне менување на повеќе од 80 проценти од одредбите од постоечкото законско решение – информира владината прес-служба.

Воедно наведуваат дека во изминатиот период согласно со предвидените активности во Акцискиот план на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор 2017-2022, се донесени повеќе законски решенија кои, како што оценуваат, беа значителен исчекор во процесот на спроведување на реформите.

– Во процесот на европска интеграција и усогласување со европските стандарди ни претстои многу работа, и поради таа причина Министерството за правда и Владата на Република Северна Македонија континуирано се залагаат и преземаат активности кои се насочени кон градење на ефикасен, независен и квалитетен правосуден систем – истакнува владината прес-служба.