Здружението на даватели на комунални услуги (АДКОМ), кое обединува 90 јавни комунални претпријатија даватели на комунални услуги на територијата на целата држава, апелира Владата да помогне во справувањето со последиците од економската криза, која се чувствува и во нивното работење, а во спротивно најавуваат дека ќе мора да ги покачат цените на услугите што ги нудат.
– Поради енормниот раст на трошоците за електрична енергија и растот на цената на горивата, кој е речиси 100-процентен, и инфлацијата чие ниво е алармантно имаме драматично зголемување на трошоците во нашето работење. Како претпријатија даватели на комунални и водоводни услуги имаме обврска спрема граѓаните да продолжиме да ги остваруваме услугите на потребното ниво и покрај сите макроекономски предизвици со кои се соочуваме – истакна Пеце Милевски, претседател на АДКОМ, пред повторно да поднесат барање до Владата за помош.
Тој нагласи дека повеќе години цената на услугите што ги нудат за граѓаните е на исто ниво, а трошоците за електрична енергија се покачени од три до пет пати, додека цената на горивата се зголеми двојно во споредба од пред година и половина.

– Нашите биланси се на работ на издржливоста и во една таква ситуација излезот е или покачување на цената на услугите, што не е наша цел бидејќи тоа ќе падне на товар на граѓаните, или системска помош од Владата како начин заеднички да го заштитиме стандардот на граѓаните и да се избегне банкрот или прекинување на давањето услуги – укажува Милевски.
Тој нагласи дека бараат Владата да им излезе во пресрет и да обезбеди финансиска помош преку блок-дотации за покривање на дел од загубите, односно да ја покрие разликата меѓу планираните и фактички настанатите трошоци за електрична енергија. Според него, Владата, како страна што со своето дејствување има влијание врз енергентите чија цена се покачи, директно има импакт врз нивното работење и опстојување.
– Подготвени сме за средба на која ќе разговараме за критичната состојба на нашите претпријатија, бидејќи кризата го доведе во прашање нормалното работење и обезбедувањето комунални услуги – истакна Милевски и додаде дека Владата веќе се обврза за секторска помош во покривање на загубите во повеќе сегменти од системот.
Тие бараат Владата да ја има предвид и најсуштествената област, а тоа е цената за вода за пиење и собирањето на сметот. Со тоа ќе се избегне уште еден ценовен удар, кој би значел повисоки сметки за граѓаните, на кој рече дека ќе бидат принудени членките на АДКОМ доколку нема слух за нивните барања.
Од АДКОМ најавија дека ќе се трудат колку што можат за да не дојде до зголемување на цените за нивните услуги и очекуваат поддршка од централната власт за да не дојде до тоа.
– Упатуваме апел за соработка, сакаме дијалог за да ја пребродиме што побрзо и што подобро оваа криза, која, според укажувањата, нѐ очекува сите нас – порача Милевски.