Ограничувањето на висината на судските такси е една од причините поради кои компаниите недоволно користат арбитража за решавање на спорови, сметаат од Сојузот на стопански комори на Македонија и најавуваат дека во Министерството за правда ќе иницираат измени на Законот за судски такси.

– Во овој момент сметаме дека судските такси се релативно ниски и дека ограничувањето на највисоката судска такса на 48.000 денари е една од причините зошто компаниите не доаѓаат на арбитража. Затоа ќе дадеме идеи до Министерството за правда во делот на измена на Законот за судски такси – вели Александар Милошоски, потпретседател на ССК.

Милошоски ги пренесе искуствата од Бугарија, посочувајќи дека таму нема ограничување на висината на судската такса и се работи според процент од вредноста на спорот.
– Како резултат на тоа, арбитражните судови во Бугарија работат многу повеќе и имаат голем број предмети, што се надевам во идниот период ќе биде и кај нас, односно ќе има поголем ефект и на нашиот и на другите арбитражни судови во државава – наведе тој.
Предностите на арбитражата, како што дополни, се во брзината на решавање на споровите, затоа што кога се оди на суд има подолг период од година, има право на жалба и натамошните постапки го одолговлекуваат решавањето на спорот, за разлика од арбитражата каде што се носи една конечна одлука.

– На пример, за спор во вредност од неколку милиони евра, тужителот за судска такса треба да уплати 48.000 денари и ќе каже „зошто да одам на арбитража, ќе одам на редовен суд, бидејќи сепак е судска одлука“. Со нашата заложба за афирмација на арбитражата се надеваме дека ќе успееме компаниите да имаат поголема доверба во арбитражата и да сфатат дека таа може само да им донесе бенефиции – посочи Милошоски, дополнувајќи дека истовремено придобивка ќе има и државата, затоа што ќе се намали бројот на судски предмети, па судовите ќе бидат помалку оптоварени со работа и ќе дејствуваат побрзо за преостанатите предмети.

Од ССК сметаат дека арбитражата недоволно е искористена од малите и средни компании, иако е еден од најдобрите и најбрзите начини за решавање на стопанските спорови. Ефикасноста во решавањето на предметите на странките по пат на арбитража, како што укажуваат, им овозможува заштеда на трошоци и време и поголема сигурност во постапката. Брзината е една од најголемите предности на арбитражата, споровите се решаваат вообичаено во рок од три до девет месеци, при што се избегнуваат сите непотребни формалности и долгите судски спорови. Во последните години сѐ повеќе компании при склучување на договорите вметнуваат клаузула за решавање на деловните спорови по пат на арбитража како алтернатива за спогодбено надминување на спорот, но не доволно. Во светот, 80 отсто од стопанските спорови се решаваат по пат на арбитража, а во САД и до 90 отсто од споровите завршуваат на арбитража.