Работниците прогласени за технолошки вишок од прилепски „Еурокомпозит“ вчера од 11 до 13 часот протестираа во центарот на Прилеп, повторувајќи ги своите барања за исплата на испратнините, на заостанатите плати и придонеси.

– Протестите продолжуваат, а немаме никакви знаци од Владата дека на повидок има решение. Таква беше најавата од премиерот дека до крајот на овој месец или ќе се продаде „Еурокомпозит“ или Владата ќе одвои пари да се исплатат нашите побарувања. Остана уште една недела од месецов, но нема назнаки за решавањето на проблемот. Ние остануваме со протестите сѐ до конечно решавање на нашата голгота – изјави Пеце Велјаноски, од иницијативниот одбор на 154 работници прогласени за технолошки вишок.

Од фирмата, како што посочи, заминале на двапати, прво 130, а потоа уште 24 работници. Овие дваесет и четворица имаат земено само по 5.000 денари од испратнините, а првиот дел од работниците прогласени за технолошки вишок зеле по 30.000 денари, што значи дека сите имаме испратнини по околу 100.000 денари во просек.

– До крајот на овој месец треба да ни се исплати сѐ. Имаме сознанија дека се повикани 10 до 15 работници прогласени за технолошки вишок да работат со договор на дело. Така се ставаат во опасност по контроли на инспекцијата да го загубат надоместокот преку Бирото за вработување – изјави Велјаноски.

Тој објасни дека досега никој не контактирал со нив и само се слушнале со градоначалникот на Прилеп, кој ветил дека ќе се заложи за решавање на проблемот.
Цветан Бунтески, еден од работниците што се прогласени за технолошки вишок, смета дека се чека Владата да интервенира зашто фирмата не е во можност да им ги исплати испратнините до крајот на месецов.

– Без интервенција на Владата, раководството на фирмата не може да ни ги исплати испратнините. Очигледно фирмата се бори за опстанок, бидејќи не може да им обезбеди плата на оние што работат во моментов, а камоли да исплаќа испратнини. Сѐ уште не сме загубиле надеж дека премиерот ќе си стои на зборот Владата да интервенира со средства доколку до крајов на месецот не се појави купувач за „Еурокомпозит“ – посочи Бунтески. Е.Р.