Граѓаните можат да добијат и до 20.830 евра субвенција преку проектот „Купи куќа, купи стан. Со новите модели, проектот ги таргетира и младите и повозрасните граѓани, и оние кои се во брак и оние кои не се. Сите граѓани кои сакаат да аплицираат за проектот можат на едно место да се информираат и од Министерството за финансии и од банките и од градежните компани на саемот „Купи куќа,купи стан“ кој се одржува до недела во Скопје Сити Мол, истакна министерката за финансии Нина Ангеловска посетувајќи ги изложувачите на саемот.

– Секој заслужува да има сопствен дом, а преку проектот „Купи куќа, купи стан“ и субвенционирање на станбениот кредит, државата дава поддршка тогаш кога е најпотребно – на почетокот.„Купи куќа, купи стан“ од годинава има значително подобри услови, кои сакавме да им ги претставиме на граѓаните.Најважно, намалена е каматната стапка на проектот на 2,9 отсто за првите три години и на 3,9 отсто за четвртата и петтата година. Ова се меѓу најповолните услови во моментот на пазарот. Само по овој основ граѓаните заштедуваат 1.300 евра на камати. Концептот е разработен со повеќе модели за купување на стан или куќа, за млади, но и за повозрасни граѓани, за да навистина има широк опфат и да ги таргетира сите оние граѓани на кои навистина им е потребна поддршка за да дојдат до сопствен дом – рече Ангеловска.

Од Македонската банкарска асоцијација, од каде осум банки-членки се дел од проектот „Купи куќа, купи стан“ истакнаа дека ги поздравуваат новите услови за проектот и новите каматни стапки, кои заедно со субвенциите од државата го прават проектот атрактивен.

„На пример, кај новиот модел „Купи стан за млади“ за клиенти со возраст до 35 години со новите каматни стапки и субвенција од 70 отсто од ратата за првите пет години што ја дава државата за станбен кредит од 50.000 евра со рок на отплата од 30 години, бенефитот за клиентот на кракј на периодот на отплатата е како да земал станбен кредит со 0,5 отсто фиксна каматна стапка за првите пет години. Во оваа ера кога милениумците копнеат по самостојност и независност ова е извонредна можност за исполнување на нивната желба – рече Милена Перчинкова, извршна секретарка на Македонската банкарска асоцијација.

Од Градежната комора при сојузот на Стопански комори нагласија дека го поддржуваат проектот уште од самиот почеток и дека овој проект е поддршка за градежништвото.

– Од почеток на проектот Комората го поддржува и учествува во работењето на проектот. На барање на Градежната комора кое беше адресирано до Министерството за финансии со цел да продолжи повластаената стапка за ДДВ за нови станови наидовме на разбирање од страна на Министерството за финансии и Владата и продолжен е до 31 декември до 2023. Тоа е една од поволностите која ги интересира граѓаните – рече Ивица Јакимовски, претседател на Градежната комора при Сојуз на стопански комори.

Проектот „Купи куќа, купи стан“ предвидува повеќе нови модели кои имаат поволни услови за младите до 35 години, но и за граѓаните со возраст над 35 години. Преку моделот „Купи стан за млади“ за граѓани до 35 години, државата субвенционира 70 отсто од месечната рата од кредитот во рок од пет години или 70 отсто од учеството, а субвенцијата која може да се добие преку овој модел е и до 12.000 евра. За младите има и модел „Купи куќа за млади“ каде се субвенционира 100 отсто од учеството за кредит или 11 години се субвенционира ратата и тоа 60% првите три години, 50 отсто следните пет години и 40 отсто следните три години. Максималната субвенција која може да се добие преку овој модел е 20.830 евра, која е и најголемата субвенција која се нуди преку овој проект.

За граѓаните над 35 години има модели како „Купи куќа за над 35 години“ каде државата субвенционира 80% за учеството за куќа, или 80% од ратата во првите пет години. Максималната субвенција која може да се добие преку овој модел е 13.600 евра. Има модели и со кои се поддржува надградба или доградба на куќа. Концептот е разработен, за да навистина има широк опфат и да ги таргетира сите оние граѓани на кои навистина им е потребна поддршка за да дојдат до сопствен дом.

Уште една новина е дека за секое новородено или посвоено дете во првите десет години од користење на кредитот се предвидува дополнителна едногодишна субвенција од 30 отсто од ратата. Оваа мерка е во насока на поттикнување на наталитетот во земјава.