Фото: Игор Бансколиев

Со платата во плик работодавците заштедуваат во износот на даноците и на социјалните придонеси што треба да ѝ ги плаќаат на државата, поради што експертите препорачуваат поголеми даночни олеснувања за да се искорени проблемот, кој најчесто е присутен кај најниско платените работни места

Некои од работниците во Македонија, кои имаат формален договор за вработување, добиваат половина плата на сметка, половина на рака. Во 2017 година, 17,8 отсто од вработените добиле плата во плик. Со ваквиот начин на исплата газдите избегнуваат да ги платат во целост придонесите, а вработените не се во можност да подигнат кредит од банка. Експертите препорачуваат поголеми даночни олеснувања за да се искорени проблемот кај најниско платените работни места.
– „Плата во плик“ е плата исплатена во готовина врз основа на неформален (незаконски) устен договор помеѓу работникот и работодавецот. Со платата во плик, работодавците заштедуваат во износот на даноците и на социјалните придонеси што ѝ го плаќаат на државата. За работниците ова е начин на неправедно плаќање и намалување на обемот на нивното социјално, здравствено и пензиско осигурување, како и вештачко намалување на кредитната способност – велат од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“.
Според нивното истражување, платата во плик е најзастапена кај примателите на минимална плата, 62 отсто од работниците осигурени на минимална плата добиваат и плата во плик.

– Притоа, во просек, платата во плик изнесува скоро исто колку и формалната плата на сметка и тоа во 91 отсто од случаите. Ова укажува дека постојат сектори и занимања во кои постои тенденција договорот за вработување да се склучи на минималната плата, со истовремен неформален договор, остатокот од платата да се добива во готовина. За формални плати над минималната плата, процентот на приматели на плата во плик драстично се намалува – нагласуваат од „Фајненс тинк“
Оттаму додаваат дека 23,2 отсто од мајсторите во металната, машинската, текстилната и прехранбената струка, како и 21,5 отсто од работниците во услужните дејности, примаат плата во плик.
– Таа плата е во просек една третина од нивната формална плата. Ваквиот наод е во линија со застапеноста на минималната плата кај овие занимања. Платата во плик е најзастапена кај работниците во градежништвото (мајсторите) со 28 отсто. Притоа, таа изнесува скоро половина од нивната формална плата. Потоа следуваат работници во услужните сектори. Сепак, платата во плик не е карактеристична за одредена возрасна или родова група – појаснуваат од „Фајненс тинк“.
Како што велат од институтот, платата во плик е набљудувана по региони. Работниците што примаат плата во плик се најзастапени во пелагонискиот регион со 42 отсто, но процентот е исто така висок и во југоисточниот и во скопскиот регион, по околу 30 отсто. Платата во плик како удел во формално примената плата е највисока во скопскиот регион, 57 отсто.

– Проблемот со платата во плик бара долгорочен напор насочен кон градење на т.н. општествен договор помеѓу државата, работодавците и работниците. Мерките за намалување и за искоренување на платата во плик може грубо да се класифицираат во две групи: казнивост и мотивација и едукација. Втората група може да даде поголеми резултати – сметаат од „Фајненс тинк“.
Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавци на Македонија, истакнува дека предложиле да се воведе линеарно плаќање на придонесите за плати од 12 до 18 илјади денари што, според нив, би било причина повеќе да се намалат случаите за исплата на плата во плик.
– Нашиот предлог за линеарно плаќање на придонесите од 12 до 18 илјади денари ќе придонесе за намалување на случаите за исплата на плата во плик затоа што работодавецот, без разлика дали платата е 13, 15 или 18 илјади денари ќе плаќа фиксни придонеси од 5.130 денари и ќе нема мотив да исплаќа плата на рака – појаснува Димитров.
Според Миле Бошков, претседател на Бизнис-конфедерацијата на Македонија, минималната плата како одредница поттикна некои од компаниите да го злоупотребат спроведувањето на овој закон со тоа што ги намалија реалните плати на ниво на минимална и да ја изиграат државата со што ќе платат помали придонеси, а остатокот од платата го исплаќаат или во коверт или во друга форма.
– Самата бројка покажува дека во поголем број случаи, се исплаќа минималниот износ за да се платат минималните социјални придонеси. Во некој процент зголемен надоместок за вработените и во некој процент намален трошок за работодавците, односно изигрување на социјалните придонеси – вели Бошков.

Од „Фајненс тинк“ истакнуваат дека потребни се редовни теренски проверки од Инспекторатот за труд, големи казни за исплата на плата во плик, вонтеренски проверки со вкрстување административни податоци, како и кампањи со нагласок на казните и ефективноста во откривањето.
– Исто така, треба да се применат и мерки на мотивација и едукација, како воведување поголеми даночни ослободувања за најниско платените работни места, едукација за поттикнување доброволно обелоденување, поттикнување постепен премин од плата во плик кон целосно формална плата, едуцирање за користа од формална плата (социјално осигурување, кредитна способност) и зголемување на даночниот морал и даночното знаење за тоа како се трошат народните пари.