Минатата година во стопанството се слеале 397,4 милиони евра по основа на поврат на ДДВ кон фирмите, информираат од Министерството за финансии.
– И покрај тоа што 2020 беше кризна година, минатата година има најголем поврат на ДДВ како процент од бруто-наплатениот данок во споредба со изминатите години, додека исплатата се одвиваше редовно и без застои – се наведува во соопштението.
Во него се додава дека во 2020-та бил извршен поврат на речиси 34 проценти од бруто-наплатениот данок на додадена вредност.
– За споредба, во 2019 година е извршен поврат од 32 отсто, во 2018 од 31 проценти, во 2017 од проценти, во 2016 од 26 отсто и во 2015 година од 28 проценти – нагласуваат од ресорното министерство.
Оттаму посочуваат дека гледано во апсолутен износ, минатата година бил извршен поврат на 397,4 милиони евра, во 2019 година повратот изнесувал 403,9 милиони евра, во 2018 од 375,8 милиони евра, во 2017 година од 315 милиони евра, во 2016 од 280 милиони евра и во 2015 година од 283,5 милиони евра.