Продуктивноста на македонските работници во споредба со европските е значително пониска

Потребата од одржување физичко растојание на работните места и во погоните дополнително ќе ги погоди компаниите, како во поглед на растот на трошоците така и во однос на продуктивноста на работниците, предупредуваат упатените и укажуваат дека, сепак, доколку се размислува креативно, проблемите може да се претворат во можности

Дали потребата од физичкото растојание и, следствено на тоа, работното реорганизирање, како задолжителна мерка за заштита од коронавирусот, дополнително негативно ќе се одрази врз продуктивноста на работниците? Домашните експерти и претходно укажуваа дека продуктивноста на македонските работници во споредба со европските е значително пониска. Колку оваа криза ќе создаде можности да се модернизираат работните услови и со тоа ќе придонесе да се подобри продуктивноста или, пак, таа ќе биде причина за дополнително влошување на овој параметар ако не се вложува во технологијата и во знаењето на работниците?

– Потребата од физичко растојание на работните места и во погоните на компаниите ќе ги погоди фирмите, како во растот на трошоците, така и во продуктивноста на работниците. Просторното преуредување не само на луѓето туку и на машините, може да влијае врз производствените капацитети. Но ако се размислува креативно, токму овие проблеми може да се претворат во можности. Затоа се вели дека кризите претставуваат и шанса. Иновативните решенија може да донесат до поголема ефикасност и ефективност. Нашата конкурентска предност е по основа на евтини инпути (труд, репроматеријали, енергија и слично). Сметам дека компаниите поддржани од ФИРТ (Фонд за иновации и технолошки развој) треба да се фокусираат на иновативни решенија за да станат попродуктивни и поконкурентни – вели универзитетскиот професор Абдулменаф Беџети.

Менаџерите и бизнисмените укажуваат дека работењето во овие услови е вистински предизвик, од една страна поради потребата да се одржи растојание помеѓу работниците, но и поради потребата редовно да се обезбедува заштитна опрема за нив, како и да се овозможи соодветен транспорт кај компаниите што сами го организираат и овој сегмент.

– Предизвикот е поголем поради тоа што не е само процесот на работа, на самата производствена линија, туку треба да се реорганизираат севкупните активности, нивниот превоз, исхрана, обуки, користење заеднички простории како гардеробери, сали за состаноци и слично. Поради ова презедовме различни организациски мерки, како реорганизирање на работното време, редуцирање на бројот на вработени по смени, работа од дома каде што е можно, задолжително користење алатки за онлајн состаноци, ангажирање дополнителни автобуси за превоз… Дополнително, некои од мерките и во насока на превенција како редовна проверка на телесна температура, дезинфекција на сите простории, задолжително носење заштитни маски, визири и ракавици – објаснува Виктор Мизо, претставник на извозна компанија.

Тој додава дека некои од мерките се однесуваат и на зачувување на мотивираноста и продуктивноста на вработените и истакнува дека работниците поради ситуацијата и стравот од губење на своите работни места се попродуктивни од претходно. Мизо посочува дека по појавата на кризата на транспарентен начин известувале за плановите и истакнува дека и во услови на намален обем на производство не бил отпуштен ниту еден вработен, при што овој период го искористиле за обуки.
– Како компанија вложивме огромни напори за почитување на сите заштитни мерки што беа објавени од страна на Владата, но и во рамките на групацијата сите норми што беа воведени се имплементираа во целост.

Тоа значеше промени во сменското работење на погоните, обезбедување доволно заштитни средства (не само маски и ракавици), начинот на организирање на колективниот превоз, начинот на делење на храната во кантините, работа со домашните и странските коминтенти и многу други активности што беа неопходни за да се заштитиме и да го обезбедиме континуитетот во работењето. Од денешна перспектива, се покажува дека сме имале правилен пристап и ни претставува патоказ по кој ќе се движиме и понатаму – велат претставниците на компанијата „Макстил“.