Почна експериментот на Салвадор со најпопуларната светска криптовалута

Криптовалутата биткоин поминува низ најголемиот тест во нејзиното 12-годишно постоење откако Ел Салвадор стана првата држава што ја усвои како официјално средство за плаќање, пренесува „Блумберг“. Салвадор купи 200 биткоини во пресрет на воведувањето на криптовалутата во употреба, со што сега поседува вкупно 400 дигитални монети во вредност од околу 20 милиони долари. А претседателот Најиб Букеле преку Твитер истакна дека државата планира да купи „уште многу повеќе“ биткоини.

Салвадорските власти вовдоа и биткоин-паричник наречен „Чиво“, чии корисниции ќе добијат почетна сума во вредност од 30 долари. Бизнисите се должни да го прифаќаат биткоинот како платежно средство, додека владата ќе го прифати и за плаќање на даноците. Се смета и дека биткоинот ќе им заштеди на Салвадорците околу 400 милиони долари при трансакциите во кои иселениците праќаат пари во државата, а кои минатата година достигнаа сума од шест милијарди долари.

Администрацијата на претседателот Букеле постави и 200 биткоин-банкомати низ државата на кои криптовалутата ќе може да се размени за долари, а министерството за финансии оформи фонд во вредност од 150 милиони долари во државната банка „Бандесал“ за да ги поддржи трансакцииите. Доларот ќе остане национална валута за оние кои не се технолошки оспособени за да го прифатат биткоинот, со што ќе бидат изземени од новиот закон.

И поддржувачите и противниците на криптовалутите внимателно ќе го следат експериментот за да видат дали жителите на централноамериканската држава ќе го користат биткоинот покрај доларот, односно какви ќе бидат ефектите од усвојувањето на ваквата практика. Се претпоставува дека и други држави би можеле да го следат примерот на Салвадор доколку експериментот се покаже како успешен.