Фото: Архива

Странските директни инвестиции (СДИ) уште една клучна алатка за стопански раст

За минатата година, според статистиката на УНКТАД, во регионот, Македонија е на дното по странски инвестиции. Нашата држава успеала лани да привлече 274 милиони долари. Србија привлекла најмногу, и тоа во вредност од 3,44 милијарди долари. Хрватска успеала да привлече 1,3 милијарда долари, а по неа следува Албанија, која за истиот период имала 1,1 милијарда. Црна Гора забележала СДИ во вредност од 529 милиони долари, додека, пак, Босна и Херцеговина остварила 371 милион долари

Странските директни инвестиции играат голема улога во меѓународната економија, а се битни особено за државите во развој. Неизвесноста наметната од ширењето на коронавирусот негативно влијаеше врз странските директни инвестиции во земјава.
На глобално ниво во 2020 година, според УНКТАД („United Nation Conference on trade and development“), беше забележан пад на СДИ во вредност од 35 отсто. Овие економски шокови се како последица на светската пандемија, а проекциите за 2021 година се пооптимистички и се очекува нивен раст од 10 до 15 отсто.

За минатата година, според статистиката на УНКТАД, во регионот, Македонија е на дното по странски инвестиции. Нашата држава успеала лани да привлече 274 милиони долари. Србија привлекла најмногу, и тоа во вредност од 3,44 милијарди долари. Хрватска успеала да привлече 1,3 милијарда долари, а по неа следува Албанија, која за истиот период имала 1,1 милијарда. Црна Гора забележала СДИ во вредност од 529 милиони долари, додека, пак, Босна и Херцеговина остварила 371 милион долари.

За потсетување, во претходната, 2019 година, се влеале 326,3 милиони евра странски инвестиции, а во 2018 година – 624 милиони евра.
– Лани, во услови на пандемија и сите последици од неа, очекувано беше да се намалат странските инвестиции. Кризата ги зафати речиси сите сектори, па и оние што планирале да се прошират со нови капацитети во СМ. Споредбата со другите држави е пореално да се прави преку показатели за остварени странски инвестиции по жител, затоа што големината на земјата има битно влијание на инвестициите – објаснува Ангел Димитров, претседател на Организацијата на работодавачи на Македонија.

Како што вели тој, сите странски инвеститори при донесување на одлуката за отворање нови погони во не толку развиените држави, еден од критериумите им е големината на пазарот во земјата и можноста за пласман на дел од оствареното производство во земјата каде што се произведува.
– Но во секој случај, Северна Македонија не ги остварува планираните странски инвестиции што го забрзуваат економскиот развој. Нивната предност е што донесуваат странски капитал во земјата и ваквите инвестиции не го зголемуваат долгот на земјата. Но истите тие имаат и некои слабости, како на пример дел од остварената добивка ја враќаат во земјата од каде што потекнуваат, за разлика од нив домашните инвеститори целокупната добивка ја „трошат“ во земјата – нагласува Димитров.

Тој додава дека овој поврат на инвестициите во вид на дивиденда исто така има влијание на обемот на странските инвестиции во една година. Така се случува износот на изнесената добивка да биде речиси еднаков со новите странски инвестиции и земјата може да покаже дури и негативен раст на странските инвестиции.
– Затоа при анализата на странските инвестиции задолжително е потребно да се имаат предвид и ваквите податоци. И на крајот, сигурно дека има влијание одлуката на Владата за привлекување инвестиции со поголема додадена вредност, кои ќе имаат можност за исплата на поголеми плати на вработените. Некои поранешни странски инвестиции беа од дејности што имаат ниска додадена вредност и платите на вработените се на ниво на домашните компании. Во таков случај, големите привилегии добиени од државата во облик на ослободување од даноци и придонеси за 10 години не кореспондираа со влез на нови технологии и повисоки плати на вработените – смета Димитров.

Според него, во идниот период треба да се стимулираат само странски инвестиции што ќе обезбедат поголема продуктивност, поголеми плати и можности за поврат на средствата, кои од буџетот се исплаќаат во вид на стимулации за привлекување на странските инвеститори.
– Иако Владата се обиде неколкупати да стимулира поголема поврзаност на странските компании од ТИРЗ-зоните со домашните претпријатија, ваквите обиди однапред беа осудени на неуспех. Проблемот е што најголемиот инпут во производството на овие компании се суровини и репроматеријали што не се произведуваат во Македонија и овие компании ги увезуваат од странство. Сега се виде колку е руинирана македонската индустрија и колку е намален бројот на производи што ги произведуваме, затоа на странските инвеститори може да им понудиме само некои услуги и некои несуштински дејности, а додека масовните суровини се увезуваат од странство – вели Димитров.

Тој додава дека секој денар остварен профит што ќе се реинвестира во Македонија е добра основа за нашиот иден развој. Ова е важно не само за странските инвеститори туку и за домашните компании, без инвестиции нема развој.

Бојан Србиноски од институтот за економски истражувања и политики „Фајненс тинк“ нагласува дека странските инвестиции играат значајна улога во подигнување на економскиот раст.
– Странските инвестиции имаат позитивен импакт врз вработеноста, секторската и извозната диверзификација, воведувањето напредна технологија, зголемувањето на конкурентноста и креирањето човечки капитал – вели Бојан Србиноски.
Врз приливот на странски инвестиции, вели тој, влијаат кризата од ковид-19 и политичката нестабилност и дека двата фактора се релевантни.
– Учеството на странските инвестиции во БДП во 2017 година изнесуваше 1,8 отсто кога економијата се соочуваше со голема политичка нестабилност, значајно под просекот од последните пет години (од 3,4 отсто) – објаснува Србиновски.
Од „Фајненс тинк“ истакнуваат дека се потребни стимулативни мерки, кои имаат потенцијал значајно да ги интензивираат производството, инвестициите, конкурентноста, а со воведување мерки, може да се зголеми атрактивноста на земјата за привлекување странски директни инвестиции.