Треба да се изврши приспособување на новата реалност / Фото: Игор Бансколиев

Стопанствениците укажуваат дека само со разбирливи апликации, кои не бараат дополнителна, обемна и комплицирана документација што би се собирала од разни институции, ќе можат побрзо да аплицираат за неопходната помош без притоа да се изложуваат на дополнителен ризик

Со ширењето на пандемијата на ковид-19 се влошуваат и состојбите во економијата. Покрај првично погодените сектори, здравствено-економската криза сега веќе се прошири во целата економија, а домашните и светските институции посочуваат дека падот на економијата ќе биде околу четири отсто. Ваквата состојба, според познавачите на состојбите, наметнува потреба од брзо и енергично справување со кризата, поточно енергични, брзи и силни мерки за спас на економијата.
– Раководството на Стопанската комора на Македонија ќе направи пресек на состојбата меѓу нашите членки и на база на тој пресек до Владата ќе го изнесеме ставот како гледаме ние на помошта што приватниот сектор треба да ја добие од државата. Од Владата очекуваме на едноставен и прецизен начин да изнесе со колку средства, во кои рокови и кои дејности ќе бидат поддржани.

Исто така, јавно ќе соопштиме дека сме подготвени по завршувањето на кризата да партиципираме во враќање на средствата назад во државниот буџет. Ние успеавме јавно да ги наметнеме сите прашања што ја мачат македонската економија, сите прашања што долго време беа запоставувани, сите прашања што можат да го најдат патот кон остварување на клучните цели, владеење на правото, елиминирање на корупцијата, целосна рационализација на сите субјекти во државата. Понатаму, ќе се сконцентрираме на главните барања за итна финансиска поддршка без големи администрирања и комплицирања, насочена спрема оние дејности и гранки што можат да ја рестартираат економијата по завршувањето на здравствената криза – вели претседателот на Стопaнската комора на Македонија, Бранко Азески.

Наедно, засегнатите истакнуваат дека за поголема искористеност на мерките што се предвидени за поддршка на компаниите, неопходно е истите тие да бидат разбирливи и едноставно применливи. Стопанствениците укажуваат дека само со разбирливи апликации, кои не бараат дополнителна, обемна и комплицирана документација што би се собирала од разни институции, ќе можат побрзо да аплицираат за неопходната помош без притоа да се изложуваат на дополнителен ризик.
Во последниот извештај на Светска банка за ударот на корона-кризата врз стопанството беше посочено дека годинава Македонија ќе западне во рецесија, која ќе се движи од -1,4 до -3,2 отсто од БДП зависно од нејзиното траење.
– Иако е тешко да се предвиди економското влијание на тековната пандемија во регионот, нема дилема дека оваа пандемија предизвикува штети врз животот во регионот, главно погодувајќи ги здравствените системи, парализирајќи ја економската активност и подривајќи ја добросостојбата на луѓето.

На среден рок, во регионот се очекува забрзување на растот со постепеното враќање на економската активност во нормала, но тоа зависи и од должината и од интензитетот на тековната криза, како и од тоа какви чекори ќе преземат креаторите на политиките за справување со оваа пандемија – кажа Линда Ван Гелдер, директорка за Одделот за Западен Балкан во Светска банка.
Според Светска банка, рецесијата во Македонија, како и во сите земји на Западен Балкан ќе биде предизвикана од значителниот пад како на домашната така и на надворешната побарувачка во текот на пандемијата. Преработувачката индустрија, заедно со туризмот, трговијата и недвижностите се најлошо погодени, а економијата се соочува со намалување од дури 11,5 проценти во вториот квартал. Освен тоа, и ограничувањето на патувањата и мерките за физичкото дистанцирање имаат негативно влијание врз услугите, кои сочинуваат околу 50 проценти од вкупната вработеност во земјата. Се предвидува и намалување на дознаките од странство, бидејќи работниците во дијаспората ги губат своите работни места во земјите каде што работат или имаат пониски приходи.

Според извештајот, брзи, смели и внимателно обмислени мерки за ублажување можат да ги ограничат социјалните и економските влијанија на кризата. Од Светската банка посочуваат дека државата веќе издвои околу два процента од вкупниот БДП за поддршка на домаќинствата и бизнисите, но додаваат дека може да биде потребно повеќе, доколку пандемијата и понатаму ја забавува економската активност во земјата и во регионот.
– Зачленувањето во НАТО и започнувањето на преговорите за пристапување во ЕУ, би требало да ги поттикнат како реформите така и довербата на инвеститорите, трасирајќи го патот за побрзо економско закрепнување откако ќе заврши кризата. Повеќе луѓе во Западен Балкан зависат од самовработување, работа на определено време и од приходи од неформални активности.

Овие групи се ранливи од кризата, но тешко е да се поддржат преку конвенционалните мерки. До средината на 2020 година, Македонија треба да остане фокусирана на справување со пандемијата обезбедувајќи медицински материјали и кадри, воведувајќи мерки за ограничување за да се забави ширењето на вирусот и да се намали оптоварувањето на здравствениот систем. Истовремено, земјата треба да се стреми кон фискална стабилност, да обезбеди пристап до финансии и да ги заштити луѓето и бизнисите – се наведува во извештајот на СБ.

Светските банкари посочуваат дека ако се има предвид несигурноста за траењето на кризата, креаторите на политиките земјава и насекаде се соочуваат со дилема: искористувањето на целокупниот расположлив фискален простор за ублажување на директните влијанија може да биде многу неефикасно ако кризата потрае. Поради тоа, политиките треба да се калибрираат за да се ублажат директните влијанија, да се изврши приспособување на новата реалност што може да се појави и да се остави простор економијата да се подготви за закрепнување.