„Самсунг“ забележа пад на нето-добивката во првото тримесечје

Најголемиот светски производител на паметни телефони „Самсунг електроникс“ информира за пад на нето -добивката во првото тримесечје, бидејќи пандемијата на коронавирусот ја намали побарувачката.
Нето-добивката во периодот од јануари до март изнесувала четири милијарди долари, што е за 3,1 проценти пад во однос на минатата година, се вели во соопштението од компанијата. Резултатите во првото тримесечје, како што наведуваат од „Самсунг“, се делумно последица на ковид-19.
На почетокот на април „Самсунг“ ја запре работата на 11 прекуморски монтажни линии. Компанијата уште соопшти дека неизвесностите поттикнати од ковид-19 ќе траат и во втората половина на 2020 година, додека траењето и влијанието на пандемијата и натаму ќе бидат „непознати“.

Германија сака контрола врз здравствениот сектор

Германската влада мора да биде правовремено информирана за интересот за купување удели во клучните компании во здравствениот сектор за да спречи одлив на знаење и производствени капацитети важни за заштитата на граѓаните.
– Под лупа ќе бидат „критичните“ аквизиции на сопственичките удели во компаниите што произведуваат или развиваат вакцини, лекови, заштитна медицинска опрема и други медицински производи за лекување високозаразни болести – појасни германскиот министер за економија Петер Алтмаер.
Според него, актуелната криза покажала дека тоа е нужно. Владата во Берлин сака да ги проверува инвеститорите надвор од ЕУ што сакаат да купат 10 отсто и повеќе удели во компаниите во здравствениот сектор.

ИЛО: Пандемијата ги загрозува примањата на неформалната економија во светот

Пандемијата на коронавирусот е сериозна закана за примањата на 1,6 милијарда работници во неформалната економија, кои сочинуваат дури половина од светската работна сила, предупреди Меѓународната организација за труд (ИЛО).
Вкупно во светот се вработени 3,3 милијарди луѓе, а две милијарди од нив работат на неформални работни места во нерегистрирани компании.
Нивните плати во првиот месец од кризата просечно паднале 60 отсто, предупредува ИЛО. Овие работници се најранливата група во глобалната работна сила, бидејќи не се социјално осигурени, немаат пристап до квалитетна здравствена заштита, ниту, пак, средства да работат од дома, нагласува агенцијата за труд при Обединетите нации.