Според државниот завод за ревизија
Во периодот од 2012 до 2021 година, на малите хидроцентрали им биле платени 41 милион евра повеќе во однос на пазарната вредност поради користење на законски предвидливите повластени тарифи врз основа на договорите со важност од 20 години, констатирале ревизорите при направената ревизија за експлоатацијата на водните ресурси при производство на електрична енергија.
Од Државниот завод за ревизија вчера информираа дека постапките за доделување концесии за изградба на мали хидроцентрали се спроведени без направена оцена на влијанието врз животната средина, а поради слабости при планирањето и изборот на локации, не се склучени договори за концесија за околу 65 отсто од објавените локации.
– Слабостите при издавањето на дозволите и неефикасната контрола од страна на надлежните институции овозможиле во одредени периоди користење вода и без обезбедена дозвола за водно право. Надлежното министерство не располага со конкретни податоци за примените барања и издадените дозволи за водно право и не е обезбедена достапност на истите тие за инспекциските служби – се наведува во ревизорскиот извештај.
Ревизорите констатирале дека од малите хидроцентрали, кои се повластени производители, не се уплатени 22,8 милиони денари во буџетот, што претставува 41 отсто од вкупно пресметаниот надоместок. Во извештајот се посочува дека Министерството за економија и Министерството за животна средина и просторно планирање немаат доволно капацитети и меѓусебна координација за следење на концесиската дејност, а од друга страна, Инспекторатот за животна средина нема доволно инспектори за да спроведе ефикасен инспекциски надзор над хидроцентралите. Ревизорите посочуваат дека за дел од доделените локации има застој во постапката, кој не може да се припише како вина на концесионерот, а дел се опфатени во заштита на појас за национален парк, поради што постои можност договорите да бидат раскинати, што ќе има можни финансиски импликации врз буџетот. За надминување на сите констатирани состојби, ревизорите препорачуваат да се разгледа можноста за пазарно приспособување на повластените тарифи, донесување методологија за определување минимум прифатлив проток на водите и воспоставување регистри на издадени дозволи и доделени концесии и целосна наплата на надоместоците.