Асоцијацијата за посебни текови на отпад при Стопанската комора на Северна Македонија бара што побрзо донесување на законите за управување со отпад, со пакувања од отпад, со отпадна електрична и електронска опрема, со отпадни батерии и акумулатори, за проширена одговорност на производителот во управувањето со посебни текови на отпад…
Претседателот на Асоцијацијата, Филип Ивановски, смета дека со донесувањето на овие закони, во чија изработка компаниите активно учествувале и тесно соработувале со Министерството за животна средина и просторно планирање, ќе има реална и објективна основа за развој на селекцијата на отпад. Ивановски истакнува дека поради недонесувањето на овие закони компаниите што управуваат со отпад ќе се оценуваат по стариот закон од пред десетина години.
– Стариот закон не кореспондира со реалноста и се базира на нереални цели за селекција. Ако компаниите се оценуваат по стариот закон, ќе се доведеме во ситуација да бидат казнети 1.500 компани што плаќаат за собирање и управување со отпадот. Всушност, ќе се казнат тие што го почитуваат законот, наспроти компаниите што пуштаат отпад а не плаќаат ништо – вели Ивановски.
Тој смета дека со носењето на новите закони индиректно ќе им се помогне на компаниите, бидејќи ќе бидат елиминирани неосновани и неоправдани финансиски реперкусии до кои би можело да дојде ако оценувањето се врши по старите законски решенија. Ивановски апелира, при донесувањето нови законски решенија, да се земат предвид полесните критериуми за оценување на компаниите од тие во актуелниот закон. Исто така, тој истакна дека правилникот од стариот закон има важност до 2020 година и тековната година работата на компаниите што управуваат со отпад не е правно уредена.