Светските аналитичари велат дека покрај скокот на глобалните цени на храната на рекордно ниво во последните десет години, зголемувањето на цените на ѓубривата дополнително ќе го зголеми притисокот врз достапноста на храната, особено во економиите што се потпираат на увоз, како што е Македонија
УВОЗНАТА ЗАВИСНОСТ ИМА СВОЈА ВИСОКА ЦЕНА
Производството на клучни земјоделски производи е загрозено од високите светски цени на ѓубривата, поради што на земјоделците им недостигаат витални хранливи материи за земјоделските култури, што ги поттикнува стравувањата за глобалната безбедност на храната и инфлацијата. Цените на ѓубривата годинава пораснаа поради зголемената побарувачка и намалената понуда, при што рекордните цени на природниот гас и јагленот предизвикаа намалување на производството во енергетски интензивниот сектор за ѓубрива.
Светските аналитичари велат дека покрај скокот на глобалните цени на храната на рекордно ниво во последните десет години, зголемувањето на цените на ѓубривата дополнително ќе го зголеми притисокот врз достапноста на храната, особено во економиите што се потпираат на увоз.
– Во време кога ковид-19 ја разниша егзистенцијата на милиони луѓе, зголемувањето на цените на храната е особено тешко за сиромашните. Растот на цените на ѓубривата нема да влијае само на земјоделците туку ќе се пренесе и на потрошувачите преку повисоките цени на храната – истакнува Фредерик Нојман, кодиректор на банката ХСБЦ задолжен за економски истражувања.
Влијанието за високите трошоци за ѓубривата ќе се пренесе и на нашата држава, бидејќи Македонија е увозно зависна земја, а воопшто и не произведува сопствено ѓубриво. Упатените во земјоделскиот сектор стравуваат дека земјоделците веројатно ќе ја намалат употребата на ѓубрива поради зголемувањето на цените, што би можело да ги намали приносите.
Според претседателот на здружението на земјоделци „Агрофаланга“, Љупче Станковски, проблемот со цените на вештачките ѓубриња, за македонските земјоделци започнува од 2003 година, кога се затвора единствениот наш производствен капацитет за вештачко ѓубре, погонот „Хемија“, во склопот на МХК „Злетово“, или познат како ХИВ (Хемиска индустрија – Велес).
– Тој погон беше доволен за снабдување на сите македонски земјоделци со комплетните потреби за прихрана на нивните насади и посеви. Од тој момент, Македонија стана комплетен зависник од увозот на хемиски ѓубрива, а со тоа и крајно чувствителна на финансиските турбуленции и шпекулации на светските берзи. Уште од самиот момент на прекинот на работата на велешката топилница, а со тоа и на погонот „Хемија“ (поради недостиг од сулфурна киселина од металуршкиот процес во топилницата), цената на вештачките ѓубриња веднаш беше покачена, за цената на транспортот, од соседните држави. Тоа веднаш финансиски ги погоди земјоделците и ги направи помалку рентабилни од порано – објаснува Станковски.
Тој додава дека со намалување на рентабилноста на земјоделците, со природно помалата родност на нашата почва, големата расцепканост на површините, преживувањето на македонскиот земјоделец станува измачување.
– За високите цени на вештачките ѓубрива на светските берзи и нивните компоненти има удел покачувањето на енергентите, но и пандемијата, која предизвика затворање и пропаѓање на малите капацитети, низ светот, па сега со повторното отворање на производството и трговијата се појавува недостиг од голем број производи, меѓу нив и на вештачките ѓубрива – додава Станковски.
Претседателот на здружението смета дека сиот товар од овие покачувања ќе падне на товар на земјоделците, а со тоа и на шансите тие да опстанат и да бидат рентабилни.
– Буџетот на Македонија не е буре без дно, од кој може да се покријат сите неспособности и кусогледости, па да очекуваме дека и сега ќе се интервенира со субвенции и ќе се спаси состојбата. Наедно нема стратегија ниту цел кон која треба да се стремиме во областа на земјоделството – вели Станковски.
Неодамнешниот пад на цената на нафтата може да ги олесни трошоците на производителите на вештачки ѓубрива, но следниот неочекуван бран на студено време ќе предизвика нов енергетски шок, што ќе предизвика пораст на цените на храната, се вели во ноемврискиот извештај на ФАО.
– Мораме да разбереме дека сите политички мерки што ја зголемуваат цената на енергијата ќе ги зголемат цените на храната. Ова не треба да се толкува како повик да се намали акцентот на мерките за ублажување на климатските промени, туку дека мора да најдеме начини да ја подобриме ефикасноста на користењето ѓубрива и критички да ја разгледаме нашата енергетска политика – истакнува Јозеф Шмидубер, заменик-директор на ФАО.