Растот на македонскиот БДП во изминатите години се должи на растот на личната потрошувачка. Многу малку инвестиции… Но личната потрошувачка во Македонија може да создава годишен раст од 2 до 3 отсто! Ништо повеќе од тоа. Овде има и два големи дефекти и тие го прават растот на домашниот БДП неквалитетен
Цело време очите ни се вперени во распределбата на БДП, а го изгубивме фокусот во тоа како го создаваме БДП!? А она малку што го заработуваме, го распределуваме на крајно лош начин! Од каде ни се, всушност, нам и овие пари што сега ги трошиме? Тоа е вистинското прашање. И како да го зголемиме и да создадеме нов БДП. Тоа е вистинскиот предизвик!?
За да го илустрирам ова што го кажувам за мојата земја, ќе се послужам со еден прост пример: отворате маалски дуќан за прехрана. Немате пари. Немате ниту заштеда којзнае каква… Одите кај лихвар и позајмувате 700 евра со 5 отсто камата на месец! Купувате производи за 700 евра и ги редите на полиците. Продавате со просечна маржа од 10 отсто! Во случај сѐ да продадете за еден месец, сте заработиле само 70 евра. Од нив, 35 евра ќе ги дадете како камата кај лихварот … Но тоа ќе се случи само ако продадете сѐ. Ако не продадете, немате толкава заработка, а обврската кај лихварот останува иста! Што сте направиле? Ништо. Сте ’рмбале цел месец како вол за слама… Како ќе ја надминете оваа состојба? Или ќе влезете длабоко во овој ваш бизнис и ќе дојдете до можност во дуќанот да ставите производи во вредност од 5.000 евра и ќе правите разни продажни финти за да ја зголемите продажбата. Или, второ, ќе го напуштите овој модел за преживување и ќе барате друг модел. Барајте реален бизнис. Инвестирајте. Заработувајте повеќе. Мислете.
Македонија се наоѓа токму во оваа приказна…
Растот на македонскиот БДП во изминатите годините се должи на растот на личната потрошувачка. Многу малку инвестиции… Но личната потрошувачка во Македонија може да создава годишен раст од 2 до 3 отсто! Ништо повеќе од тоа. Овде има и два големи дефекти и тие го прават растот на домашниот БДП неквалитетен. Прво, личната потрошувачка се зголемува кај граѓаните што претежно работат во јавната администрација, кај пензионерите, и приближно тоа е тоа… Вториот дефект е доста опасен, а тоа е затоа што со растот на личната потрошувачка во отсуство на домашни производи произведени во домашната економија, ние, всушност, го финансираме увозот на производите! И така во голем дел се продлабочува трговскиот дефицит!
За да биде оваа формула на БДП добра за Македонија, потребно е да растат инвестициите во приватниот сектор и расходите на државата за капитални инвестиции што ќе носат приходи. И двата овие индикатори на земјата се катастрофално лоши!
И нема да мрднеме уште долго ако не го смениме начинот на размислување и, се разбира, бизнис-моделот на правење пари во економијата и зголемување на БДП, кој за Македонија не смее да биде под 6 отсто годишно и долгорочно. Но таков раст не може да се прави само ако се занимаваме како да ја зголемиме личната потрошувачка на сиромашните македонски граѓани.
Затоа, пораката до Министерството за финансии треба да биде дека проблемот не е во тоа дали од рамен данок ќе се премине на прогресивен данок на приходите! Оти тоа ништо не решава, а праќа лоша порака до инвеститорите! Вистинските реформи се структурните реформи и пристапот до евтин капитал. Поддршката на државата за одделни стратегиски сектори, квалитетни субвенции каде што треба и отворање широк фронт капитални инвестиции во инфраструктура и енергетика. На крајот на оваа низа, како последица ќе се појават зголемен број нови работни места.
Во оваа фаза од развојот, на Македонија ѝ требаат реформи за создавање поголема додадена вредност, за поголеми инвестиции и извоз, вработувања, што ќе рече високи стапки на раст на БДП!