Фото: Игор Бансколиев

Ставањето една банка под администрација, според упатените, е мерка што се применува во светот и која дава позитивни резултати во напорите за санација на некоја банка, наместо истата таа да се затвори и да се ликвидира

Бранувањата за затворањето на Еуростандард банка продолжуваат и понатаму. Многу неодговорени прашања, многу неизвесност, но и барања за здружување од страна на оштетените депоненти што имале штедни влогови поголеми од 30 илјади евра. Целата јавност е заинтересирана за случувањата во банката, какви мерки се преземаат и евентуално што можело да биде направено за да се избегне најлошото. Дали имало други мерки што можела да ги преземе Народна банка во насока на опстојување на Еуростандард и во насока на спас на депозитите на граѓаните. Една од мерките што упатените ја посочуваат како можност за примена пред затворање на една банка е можноста за административно управување и раководење или таканаречена „постапка на администрација“, со која централната банка делегира лица што ќе извршуваат одредени функции во засегната банката и со која се регулира работењето на банката.
– Под администрација се става банка ако централната банка смета дека менаџментот не одговара, а акционерите не се волни да го менуваат. Но во случајот на Еуростандард банка, акционерите и централната банка се согласија да го променат претседателот на Управниот одбор и затоа не беа поставени администратори од Народната банка. Неопходно беше да се докапитализира банката, но не успеале да го спроведат тоа, поради што дојде до нејзино затворање.

Со оваа постапка, ставање на банката под администрација, всушност може да се суспендираат претпоставените во една банка и Народна банка да управува со работењето на банката. Но во овој случај поради промената на управното лица, немало потреба од административно управување – вели поранешен банкар, кој сакаше да остане анонимен.
Упатените додаваат дека не секогаш ставањето на една банка под администрација е гарант за нејзино спасување, но мерката е достапна за централната банка и има можност да ја користи.
Ставањето на една банка под администрација, според упатените, е мерка што се применува во светот и која дава позитивни резултати во напорите за санација на банките, за што постојат и голем број примери, но тие наедно истакнуваат дека состојбите во европското банкарство и во домашното не се исти и појаснуваат дека нашето банкарство се карактеризира со поконзервативен пристап во работењето. Светските искуства покажуваат дека со оваа постапка биле спасени низа банки од нивно затворање, со што всушност биле спасени и компании и граѓани, кои имале свои депозити или кои работеле преку истите тие.

Сепак, банкарите укажуваат дека не може да се прави споредба со другите банкарски системи поради различните пристапи во работењето на централната банка и комерцијалните банки што таа ги надгледува.
Во согласност со Законот за банки, Народната банка со ставањето на една банка под администрација може да делегира лица што ќе извршуваат одредени функции во банката за да се регулира нејзиното работење. Со оваа постапка, гувернерот именува членови на администрацијата, администратори во банка, ако настанале околности што можат сериозно да ја загрозат солвентноста на банката, ако банката и/или акционерите одбиваат да ги исполнат или не преземаат соодветни активности за исполнување на дополнителните мерки изречени од страна на гувернерот со што се загрозуваат ликвидноста и солвентноста на банката.

Исто така под администрација се става банка ако Надзорниот одбор не поднесе план за подобрување на состојбата во банка или, пак, ако НБ го одбие планот или ако банката не го спроведува планот за подобрување на состојбата. Една банка во согласност со законот може да биде ставена под администрација и ако истата таа не достигне потребно ниво на сопствени средства во рокот даден со планот за подобрување на состојбата во банка и стапката на адекватност на капиталот на банката се намали под 50 проценти од пропишаната.
– Со решението за воведување администрација во банка се утврдува бројот на администратори, овластувањата на секој од администраторите и времето на траење на администрацијата, кое не може да биде подолго од една година, со можност да биде продолжено за уште шест месеци. Еден од администраторите се овластува да ги потпишува одлуките, а за администратор може да биде именувано и лице вработено во Народната банка, кое ги исполнува условите.

Администраторот не одговара за штетите спрема трети лица што може да настанат со спроведување на администрацијата, доколку работел во рамките на своите должности и овластувања и не сторил кривично дело. Гувернерот може да ги ограничи активностите на банката во платниот промет или за одреден период да ја исклучи од платниот промет – предвидува законот.
Исто така, со оваа постапка од денот на доставување на решението престануваат сите надлежности на Надзорниот и на Управниот одбор на банката и надлежностите на собранието на акционери, освен надлежноста за донесување одлука за зголемување на капиталот. Администраторите во согласност со законот имаат пристап и контрола над деловните простории, имотот, трговските книги и другата документација на банката и се должни да ги заштитат имотот и документацијата.
– Регулативата овозможува пакет од повеќе мерки што можат да бидат преземени од страна на Народната банка, а при изборот на мерките, централната банка треба да се раководи од состојбата на деловната банка и нејзината изложеност на ризици. При преземање на мерките се има предвид и која мерка ќе значи најголема заштита на депонентите.

Спроведувањето на т.н. постапка на администрација, во случајот на Еуростандард банка не беше соодветно решение и можеше да има изразени негативни ефекти врз депонентите. Затоа се презема пакет на други супервизорски мерки, со кои ги заштитивме билансот на банката и нејзината ликвидност – велат од Народната банка.
Инаку дел од штедачите во Еуростандард банка вчера поведоа иницијатива за самоорганизирање за остварување на своите права и упатија повик до 780 штедачи, кои имаат влогови над 30.000 евра во банката.
– Ние сме дел од 780-те штедачи на Еуростандард банка, кои за обештетување на своите средства ќе мора да се потпрат на правилноста и функционалноста на нашиот систем и стечајните постапки како такви. Впрочем, функционирањето на истиот тој систем нѐ доведе и до оваа состојба за свои тешко спечалени пари да одлучува некој друг. За најтранспарентно водење на стечајната постапка сметаме дека ние 780 штедачи мора да се организираме и да бидеме претставени пред сите институции, домашни и меѓународни, од еден претставник професионалец во тоа поле – се вели во дописот на овие штедачи.


Маневски: Отворено и прашањето за сигурноста на банкарскиот систем

Свое видување за состојбите и затворањето на Еуростандард банка искажа и поранешниот министер за правда, Михајло Маневски, кој во своја авторска колумна посочува дека уште со донесувањето на решението од 1 јуни 2020 година, со кое гувернерката ја повлекла согласноста на Еуростандард банка за вршење финансиски активности за кредитирање во странство, за тргување со девизни средства и за тргување со хартии од вредност, бил „нанесен првиот тежок удар на банката, и тоа неминовно водело кон нејзино затворање и стечај. Зошто уште тогаш не е донесено решение за одземање на лиценцата за работа, кога ѝ се забрани вршење на најзначајни банкарски работи, со што на банката тешко ѝ се врзаа рацете?“, прашува Маневски.
Тој посочува дека одземањето на лиценцата на банката и причините за тоа на доста високо ниво го отворија прашањето за сигурноста во банкарскиот систем, можностите за злоупотреба, за ефикасноста (неефикасноста) на ревизијата и суперревизијата, како иманентен дел од банкарското работење.

Поранешниот министер за правда се осврна и на правната регулатива и посочува дека со Законот за банките се уредуваат основањето, работењето, супервизијата и престанувањето на работењето на банките и на филијалите на странски банки во Македонија.
– Според членот 63 став 2 од законот, банката е должна да работи на начин што ќе овозможи постојано да биде способна да ги исполни сите обврски (солвентност). Банката е должна да располага со адекватно ниво на сопствени средства во зависност од природата, видот и обемот на финансиските активности и висината на ризиците, кои произлегуваат од извршувањето на тие активности. Членот 79 од законот, предвидува обврска на банката да ја одржува ликвидноста и да управува со активата и пасивата на начин што ќе ѝ овозможи намирување на пристигнатите обврски во секој момент. Заради обезбедување законитост во работата на банка, во Законот за банките се обезбедуваат инструменти за управување и за контрола на банкарското работење, како што се Надзорниот одбор, Управен одбор на банката, Одборот за ревизија и други тела предвидени во законот и Статутот на банката.

Освен внатрешната контрола на работењето, во членот 115 од законот се предвидува супервизија што ја врши Народната банка. Супервизијата ги оценува сигурноста, стабилноста, ризичноста и усогласеноста на работењето на банката со прописите. Законот предвидува и повеќе казнени и прекршочни одредби – посочува Маневски.
Според него, пропаѓањето на една банка секогаш предизвикува голем интерес кај општеството и граѓаните да се утврдат причините за пропаѓање на банката, последиците и штетите.