ТАЛЕНТИ: Анастасија Мингоска (12), каратистка
Иако има само 12 години, младата спортистка од Кичево Анастасија Мингоска, од многубројните натпревари дома и во странство, се враќа со титула. Во текот на изминатата година, на Државното првенство во шотокан-карате за возраст до 12 години, таа го освои првото место во кати, четврти пат по ред, а истиот резултат го потврди и на Балканскиот шампионат што лани во април се одржа во Белград. Со сите досегашни остварувања таа заслужено ја освои и наградата спортистка на Кичево за 2018 година.
– Околу шест години се занимавам со карате и тренирам во клубот Ускана, каде што мои тренери се Неџби и Јетмире Дервиши. Трипати во неделата работам на моето усовршување и резултатите остварени на домашен и меѓународен план се најдобра потврда дека сум на вистинскиот пат. И наредните години ќе продолжам да се занимавам со карате и уште отсега можам да најавам нови титули и нови први места. Би сакала кога ќе пораснам, како спортистка од Македонија да настапам и на Олимписки игри – вели Анастасија Мингоска, ученичка од седмо одделение во ОУ „Христо Узунов“ во селото Другово.
Нејзиниот тренер Неџби Дервиши е презадоволен од односот кон тренинзите и приодот во работата.
– Повеќе од пет години Анастасија е дел од нашиот клуб и уште од првото доаѓање беше очигледно дека има желба за работа и голем талент. Со секоја наредна година нејзиниот прогрес беше видлив и, како резултат на нејзините спортски карактеристики, дојдоа и врвните остварувања, како што се четирите титули државен првак во кати и највредното остварување – балканска шампионка во кати за девојки до 12 години за 2018 година – ни рече нејзиниот тренер Неџби Дервиши, кој веќе 12 години е тренер во овој кичевски карате-клуб.