Фото: МВР/илустрација

Триесет и осумгодишен скопјанец со иницијали Б.Ј. е уапсен под сомнение дека го убил 38-годишниот Ш.Е. од селото Љубин, чие безживотно тело беше пронајдено на 21 ноември на обиколницата „Мајка Тереза“, во близина на селото Смилковци.

Од Министерството за внатрешни работи информираат дека осомничениот бил приведен вчера, по преземени оперативно-тактички мерки од полициските службеници на Единицата за насилен криминал при СВР Скопје, односно Одделението за крвни и сексуални деликти.

Според информациите од МВР, по пријавата за пронајдено лице без знаци на живот, полициските службеници утврдиле дека станува збор за Ш.Е. (38) од Љубин. При увидот била забележана прострелна повреда во пределот на ногата, а во близина на телото било пронајдено и патничко возило „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, кое претходно го управувал починатиот.

Од МВР соопштуваат дека со Б.Ј. бил извршен службен разговор, при што тој го појаснил начинот на извршување на кривичното дело.

По целосното документирање на случајот, денеска, во координација со Основното јавно обвинителство Скопје, против осомничениот е поднесена кривична пријава по брза постапка за кривично дело „убиство“.