Љубителите на фолклорот во Кавадарци имаа можност да ја проследат музичката приказна „Банди“ на Универзитетскиот ансамбл „Македонија“, изведена во Домот на културата „Иван Мазов – Климе“. Со концертот, по настапите во Битола, Делчево, Демир Хисар и Македонска Каменица, ансамблот ја претстави традиционалната култура на јужномакедонската етнографска целина.
Во минатото, музичките состави на дувачките оркестри биле познати под различни називи, како „тајфи“ или „свирки“, додека во јужномакедонската етнографска целина биле нарекувани „банди“.
Публиката имаше можност да ужива во разновидни оригинални носии, карактеристичниот дувачки оркестар, како и во соборски ора и песни од етничките предели Долна Преспа, Костурско, Леринско Поле и Меглен. На програмата беа изведени композициите и кореографиите „Пустец“, „Корешта“, „На Панаѓур“, „Хабер ми дојде“, „Младата невеста“ и „Тресинска пуленка“.
Музичката приказна „Банди“ ја донесоа млади уметници, студенти од Катедрата за етнокореологија при Музичката академија на Универзитетот „Гоце Делчев“, како и ученици од насоката за традиционална музика и игра при ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ од Скопје.
Со музика изведена на локалните дијалекти, раскошни носии и сценски настап исполнет со младешка енергија, тие ѝ овозможија на публиката да го почувствува богатството на македонскиот фолклор.
Од ансамблот ја истакнуваат професионалноста и квалитетот на сценските изведби, зад кои стојат кадри со академски и научни звања од областа на етнокореологијата, етнологијата и етномузикологијата. Посебно се нагласува улогата на Катедрата за етнокореологија при Музичката академија, која е единствена во државата посветена на изучување, зачувување и сценско презентирање на автентичната традиционална култура.
Како еден од најзаслужните за работата на ансамблот е посочен неговиот уметнички менаџер, проф. д-р Владимир Јаневски.
За 2027 година ансамблот најавува голем јубилеен концерт посветен на традиционалната култура и на 20-годишното уметничко творење на етнокореолозите на сцената.
Како што најавува м-р Тијана Николовска, концертот ќе донесе сосема нов репертоар со сценски адаптации на кои работат етнокореолозите, а кои премиерно ќе бидат изведени пред публиката.
М.М.





































