Фото: МИА

Судскиот процес против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната охриѓанка Сара Ѓ., не започна поради барања на одбраната за изземање на обвинители и судии.

Првото рочиште од судскиот процес против Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз младата охриѓанка Сара Ѓ., денеска беше одложено во Основниот суд во Охрид. Новото рочиште е закажано за 1 декември.

Причина за одложувањето се барањата на одбраната за изземање на јавниот обвинител кој го води предметот, како и на сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство Охрид.

Дополнително, одбраната побарала изземање на судијката Александра Поп Стефанија, судијата Милчо Клишески, како и на претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски.

Адвокатот на оштетената, Ѓоко Шаин, информираше дека барањата за изземање на судијката Поп Стефанија и судијата Клишески биле одбиени.

За барањето за изземање на претседателот на охридскиот Основен суд треба да одлучува Апелацискиот суд во Битола.

Во однос на обвинителите, барањето за нивно изземање било доставено до ОЈО Охрид непосредно пред почетокот на судењето. До произнесувањето на повисокиот јавен обвинител, обвинителите од охридското обвинителство не можат да постапуваат по предметот.

Шаин оцени дека ваквите барања на одбраната имаат цел да ја одолговлекуваат постапката и да се избегне одговорноста на обвинетиот.