Фото: МИА

Во Македонија годинава, заклучно со денес, во сообраќајни несреќи животот го загубиле 85 лица, што е значително помалку во споредба со минатата година, кога до крајот на ноември биле регистрирани 129 жртви. Ова го истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски на Националната конференција за безбедност на сообраќајот во локалната самоуправа.

Тошковски оцени дека се постигнати значајни резултати во унапредувањето на безбедноста во сообраќајот, но нагласи дека не може да се зборува за целосно решавање на проблемот, сè додека на патиштата има загинати.

– Заклучно со денес имаме загубено повторно многу човечки животи, но драстично помалку од претходно. До денес имаме загубено 85 човечки животи – истакна министерот.

Според него, системот „Безбеден град“ веќе дава конкретни резултати, а најголемата потврда за ефектите од преземените мерки не се статистиките или признанијата, туку спасените човечки животи.

Тој посочи дека во изминатите три и пол децении во државата просечно годишно загинувале речиси 150 лица во сообраќајни незгоди, поради што безбедноста на патиштата мора да остане еден од највисоките приоритети на институциите.

„Безбедноста во сообраќајот мора да биде приоритет“

Тошковски направи споредба со бројот на загинати во конфликтот во 2001 година, нагласувајќи дека загубите на човечки животи во сообраќајот на годишно ниво се алармантни.

Тој порача дека сите институции и граѓани мора заеднички да се посветат на подобрување на условите во сообраќајот и намалување на бројот на трагични последици.

Министерот изрази уверување дека во иднина безбедноста во сообраќајот ќе се препознава по позитивните резултати, а не по црните статистики.

До 2030 година, целта е 50 проценти помалку загинати и тешко повредени

На конференцијата се обрати и градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски, кој истакна дека Националната стратегија за безбедност на сообраќајот предвидува до 2030 година бројот на загинати и тешко повредени лица да се намали за најмалку 50 проценти.

– Кога зборуваме за загинати и повредени во сообраќајот, зборуваме за нечие дете, за нечиј родител, за нечиј близок. Затоа целта да го намалиме бројот на загинати и тешко повредени лица за најмалку 50 проценти до 2030 година мора да стане обврска што секојдневно ќе ја претвораме во дела – нагласи Ѓорѓиевски.

Тој потсети дека во Скопје е предвиден редизајн на 50 критични крстосници и улици според европски стандарди, со крајна цел нула смртни случаи во сообраќајот до 2030 година.

Ѓорѓиевски го поздрави и проектот „Безбеден град“, оценувајќи дека современите технолошки решенија придонесуваат за поголема сообраќајна дисциплина и почитување на правилата.

Локалните самоуправи со конкретни обврски

Претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, Горан Ангеловски, истакна дека безбедноста во сообраќајот не е само институционална задача, туку заедничка обврска на државните институции, локалната самоуправа, образовниот систем, полицијата и граѓаните.

Тој оцени дека годинава има значително подобрување на состојбите, особено по воведувањето на системот „Безбеден град“, но нагласи дека се потребни дополнителни системски мерки за трајно намалување на бројот на жртви.

Новата Национална стратегија за безбедност на сообраќајот на патиштата 2026–2030 предвидува конкретни обврски за локалните самоуправи во делот на сообраќајното уредување, едукацијата и заштитата на ранливите категории учесници во сообраќајот.

На конференцијата беа разгледани и статистичките анализи на сообраќајните незгоди, ефектите од проектот „Безбеден град“, влијанието на сообраќајната сигнализација, новините во правилниците за сообраќајни знаци и опрема, како и улогата на локалните власти во унапредувањето на безбедноста на патиштата.