Неделата останува неработен ден за сите граѓани. Владата е против укинувањето на неделата како неработен ден и тоа сме го кажале неколкупати, изјави денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши.
Одговарајќи на пратеничко прашање од Борче Цветков од СДСМ, Дурмиши нагласи дека Владата е против укинувањето на статусот на неделата како неработен ден и дека евентуалните иницијативи што би пристигнале од бизнис-заедницата ќе бидат разгледувани во рамките на Економско-социјалниот совет.
– Кога и да се отвори оваа тема, ќе се дискутира. Но, ние сме против тоа неделата да не биде неработен ден. Тоа сме го кажале неколкупати. Значи, неделата останува неработен ден за сите граѓани. Ако едно такво барање дојде од Стопанската комора, секако дека ќе се отвори расправа во Економско-социјалниот совет. Таму има 12 членови и секој ќе го искаже својот став. Нашиот став како Министерство е дека неделата останува неработен ден, освен во некои сектори каде што има потреба да се работи и во недела. Но, неделата останува неработен ден за сите граѓани – изјави Дурмиши.
Тој, исто така, нагласи дека во изминатите две и пол години Владата не укинала ниту едно стекнато право на работниците, туку работела на нивно унапредување преку подобрување на условите за работа и зголемување на платите во повеќе сектори.
– Ниту едно право што го стекнале вработените не е укинато. Правата што се стекнати во нашата земја, било во јавниот или во приватниот сектор, ние сме ги почитувале и сме оделе уште подалеку, со цел тие уште повеќе да се почитуваат, условите за работа да се подобруваат, а платите да се зголемуваат – изјави Дурмиши.
Тој додаде дека исклучоци за работа во недела може да има само во одредени дејности во кои тоа е неопходно поради природата на работниот процес или зголемените потреби, но нагласи дека основниот принцип останува непроменет – неделата останува неработен ден за граѓаните.
Прашан дали две минимални плати се доволни за едно четиричлено семејство, Дурмиши рече дека не е соодветно минималната плата да се споредува со просечната потрошувачка кошница, нагласувајќи дека порелевантен показател се просечните плати.
Според Дурмиши, потрошувачката кошница е пресметана како просечна и затоа треба да се споредува со две просечни, а не со две минимални плати.
– Не може да размислуваме дали две минимални плати се доволни за една просечна потрошувачка кошница, бидејќи таа е просечна. Треба да ги земеме предвид двете просечни плати и да видиме дали тие можат да ја покријат просечната потрошувачка кошница – изјави Дурмиши, пренесува МИА.
































